Од утре ќе се врши тестирање за коронавирус со брзи антигенски тестови во пет здравствени институции во државата.
Тестирања ќе се вршат во Здравствените домови во Штип, Гостивар, Прилеп, Струмица, и општата болница во Кичево. Лаборанти од овие установи мината недела беа на обука во Скопје, а во текот на неделата ќе продолжат обуките на лаборанти од други градови низ државата, за во најкраток можен рок, брзите тестови да бидат на располагање на матичните лекари на територија на цела држава.
Брз тест може да закаже единствено матичен лекар и тоа доколку пациентот го исполнува алгоритмот односно има симптоми на вирусот ковид 19, не повеќе од 5 дена. Алгоритмот за брзо тестирање е од Светската здравствена организација, а матичниот лекар по земената анамнеза на пациентот одлучува дали истиот ќе се тестира со ПЦР тест или антигенски – брз тест.
Изминатива недела во ЗД Скопје, на шесте пункта во поликлиниките во Чаир, Чето, Ѓорче Петров, Бит Пазар, Млин Балкан и Јане Сандански, направени се 1138 тестови, од кои 398 биле ковид позитивни.