Смртноста од Ковид 19 ги полни црните статистики на сите држави во регионот. Северна Македонија не е исклучок од зголемувањето на бројките на смртните случа, но статистиката е загрижувачка во опкружувањето. Во последната седмица Босна и Херцеговина има 379 починати од корона вирусот. Со високи бројки за последните седум дена се и Хрватска со 255, Грција со 322, Бугарија со 465 починати. Дури и Словенија, која се смета за поразвиена држава, имала 243 смртни случаи. Северна Македонија во овие седум дена изброја 169 жртви од Ковид 19, Србија имаше 119.
Ако се направи процентуална статистика, според бројот на жители на овие држави, заклучокот е дека сите имаат процент на смртност околу два отсто. Ваквите бројки се потврда дека сите држави, и покрај преземените мерки за заштита, не можат лесно да се справат со налетот на корона вирусот. Според предупредувањата на лекарите следните два до три месеци ќе бидат исто така критични и очекувано е дека ќе расте и бројот на починати. Едноставно, здравствените системи на државите во регионот не може да измислат нови методи и начини за спречување на смртноста и затоа секое здравство се справува на соодветен, односно на начинот на кој има капацитет и средства да го прави тоа. Очигледно дека никој нема лек како да ја спречи или намали смртноста од Ковид 19.
Ако се погледнат вкупните бројки на починати лица од почетокот на пандемијата уште еднаш ќе се потврди дека државите како Босна и Херцеговина, Хрватска, Северна Македонија, Грција и останатите, сите ја надминале бројката од 1.000 починати, а Бугарија има над 2 000. Затоа вината за ваквата црна статистика не може да се бара во здравствените власти кои вложуваат максимални напори да спасат што поголем број пациенти, едноставно вирусот е со толкав интензитет и толку лесно се пренесува, што е незамисливо да нема смртни случаи.
Но, ако бројките се слични и ако сите здравствени системи во регионот се во 24 часовна операција за намалување на последиците од корона вирусот, тогаш постои една суштинска разлика во политичкото делување на општествените фактори. Никаде нема пример во околните држави опозицијата да се однесува деструктивно, да повикува на оставки и уште пострашно, да ги користи починатите за црна кампања насочена кон здравството.
Јавноста се чини со право коментира дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ги навредува сите медицински работници кои деноноќно се посветени на професијата. Секој починат е пораз на лекарите и тешко го доживуваат, но едноставно очекуваат помош и соработка од сите чинители за да им биде полесно во понатамошната борба која им станува се понеизвесна. Оти ако некој не сака да има починати тоа сигурно се лекарите. Затоа кампањата на Мицкоски не оди во прилог никому, а најмалку на јавното здравје.