На Тетово му се заканува опасност да остане без чиста вода за пиење.
Една од малите хидроелектрани кои се градат на Шар Планина е во непосредна близина на изворот на реката Пена од кадешто граѓаните на Тетово ја добиваат водата за пиење. Инспекторите за животна средина пак, велат дека детално ќе ги прочешлаат сите документи кои биле издадени од страна на државните институции со кои е дозволено старт на градежните работи на хидроелектраните. Но, додека трае ревизијата во документацијата, јавното градско комунално претпријатие на Тетово мора да ја заштити водата за пиење на своите граѓани.
„Утврдивме дека онаа која што е најнапредната со градба, а која е лоцирана највисоко на планината на реката Пена има потенцијална можност за загадување на водите за водоснабдување на градот Тетово“, вели Ана Петровска, в.д. директорка на Инспекторат за животна средина.
Од инспекторатот исто така, велат дека тие нема да дозволат стопирање на водоснабдувањето на градот, но секако потенцираа дека нема да дозволат да се уништи природата.
Од локалната власт на Тетово ќе побараат документација дали навремено го заштитиле изворот за вода за пиење.
„Треба градот Тетово да воспоставил досега санитарна зона за заштита на изворот за водоснабдување. Јас не знам, но ние ќе побараме од Општина Тетово дали таква санитарна зона е воспоставена или не. Доколку не е веднаш ќе побараме и да бидеме сигурни дека Тетово нема да има проблем со водоснабдување“, додава Петровска.