Америка се соочува со огромна задача да ја запре поларизирачката култура на „луди теории на заговор“ што го продлабочија раздорот во земјата, вели Барак Обама.
Во интервју за Би-Би-Си, поранешниот претседател вели дека САД се уште поостро поделени отколку пред четири години, кога Доналд Трамп победи на претседателските избори.
И Обама сугерира дека победата на Џо Бајден на изборите во САД во 2020 година е само почеток на премостување на тие поделби.
„Ќе бидат потребни повеќе од едни избори за да се сврти тој тренд“, вели тој.
Справувањето со поларизирана земја, тврди Обама, не може да се остави само на одлуките на политичарите, но исто така се потребни структурни промени и луѓето да започнат да се слушаат едни со други, да се договорат околу „заедничките групи на факти“ пред воопшто да почнат да разговараат што да прават со нив.
Сепак, тој вели дека гледа „голема надеж“ во „софистицираните“ ставови на следната генерација, повикувајќи ги младите да „го негуваат тој претпазлив оптимизам дека светот може да се промени“ и „дека тие можат да бидат дел од таа промена“.
Како се разгоруваат поделбите во Америка?
Бесот и нетолеранцијата меѓу руралната и урбаната Америка, имиграцијата, неправдите како што се нееднаквоста и „лудите теории на заговор – она што некои го нарекоа истребување на вистината“ се интензивираа во некои американски медиуми и на „турбонаелектризираните социјални медиуми“, вели Обама пред историчарот Дејвид Олусога во интервју за „BBC Arts“ по повод промоцијата на неговите нови мемоари.
„Ние сме многу поделени во моментот, секако повеќе отколку што бевме кога јас првпат се кандидирав за оваа функција во 2007 година и победив на претседателските избори во 2008 година“, рече поранешниот претседател.
Тој сугерира дека ова делумно може да се припише на подготвеноста на Трамп да ги „разгори поделбите бидејќи тоа е добро за неговите политики“.
Нешто друго што придонесе многу за овој проблем, вели Обама, е ширењето на дезинформации преку Интернет, каде „фактите одеднаш веќе не се важни“.
„Милиони луѓе веруваат во идејата дека Џо Бајден е социјалист, тие веруваат во идејата дека Хилари Клинтон е дел од злобната кабала која е активна во педофилските мрежи“, вели тој.
Примерот што тој го наведе овде со Хилари Клинтон се однесува на лажната теорија дека демократските политичари водат мрежа на педофили во пицерија во Вашингтон.
„Мислам дека во одреден момент ќе биде потребно да се комбинираат регулативите и стандардите во рамките на одделни професии за да се вратиме на точката каде што барем ќе признаеме заеднички пакет на факти пред да започнеме да разговараме што треба да направиме со нив.
Обама вели дека иако многу конвенционални медиумски куќи воведоа проверка на фактите во последните неколку години во обид да се запре ширењето на дезинформации преку Интернет, тоа честопати не е доволно затоа што „лажните информации веќе ја обиколија планетата пред да се провери и објави вистината“.
Тој додава дека поделбите се резултат и на социо-економски фактори како што се растечката нееднаквост и разликите помеѓу руралната и урбаната Америка.
Таквите проблеми, додава тој, се „вообичаени во Велика Британија и ширум светот“, при што луѓето „се чувствуваат како да ги губат скалилата на економскиот развој и можат да бидат убедени дека оваа или таа група е виновна“.
Што е со движењето „Црни животи се важни“ и расизмот?
Обама, кој влезе во историјата како прв црн претседател, вели дека прашањето за расата е „една од централните изворни поделби во американската историја – нашиот прв грев“.
Настаните во текот на летото, вклучително и смртта на Џорџ Флојд – Афроамериканец кој почина во полициски притвор – и реакциите на неговата смрт во заедниците не само во САД, туку и низ целиот свет, доведоа до моменти на очај и оптимизам, рече тој.
„Очај затоа што хроничната постојана улога на расата и предрасудите во нашиот систем на кривична правда продолжува во толку отворена форма…и огромниот оптимизам што го видовте произлегува од протестниот активизам и интересите што одат многу подалеку од сè што сме виделе досега – па и уште помирољубиво“.
Важно е дека протестите беа повеќерасни, вели тој, додавајќи дека реакцијата е поинаква од убиството на Трејвон Мартин во 2012 година, невооружен тинејџер од Флорида, кој беше убиен на самото место од доброволен чувар на соседството, Џорџ Зимерман.
Зимерман подоцна беше ослободен од обвинението за убиството на овој 17-годишник во судски случај од висок профил.
Обама го споменува и убиството на невооружениот Афроамериканец Мајкл Браун во 2014 година, кој беше застрелан шест пати од бел полицаец во Фергусон, Мисури.
Тој вели дека иако овие инциденти предизвикале страсти низ Америка, поттикнувајќи дебата за расата и правдата, сепак се чинело како да има „отпор меѓу големите делови на белата заедница на идејата дека станува збор за повеќе од осамен инцидент или случај на неколку расипани јаболка“.
„Ова лето можеше да се забележат заедници со занемарливо црно население како излегуваат на улиците и велат дека животот на црните луѓе е важен и тие ја прифаќаат идејата дека мора да има вистинска промена “.
Обама зборуваше пред објавувањето на новите мемоари – „Ветената земја“ – кои го следат неговиот подем во американскиот Сенат и неговиот прв мандат како претседател.
Најавено е дека ќе биде објавена на 17 ноември, а тоа е прва од двете книги што го опфаќаат неговото време поминато во Белата куќа.