Претседателот на Европската фудбалска федерација (УЕФА), Александар Чеферин, уште еднаш истакна дека е убеден дека Европското првенство ќе се одржи следната година, и покрај вториот бран на инфекција со КОВИД-19, кој во моментов се шири во Европа.
Во интервју за „Marca Sport Weekend“, Чеферин рече дека планот е да се организира турнирот во предвидениот формат со 12 домаќини низ цела Европа. Тој исто така се надева дека ќе има навивачи на стадионот.
„Планот е, се разбира, да се игра ЕП. Сигурен сум дека нема да го одложиме овој пат. Но, се разбира, ја следиме ситуацијата за да видиме дали можеби ќе мора да смениме нешто. Европско ќе се игра, може да кажете дека сум премногу оптимист, но верувам дека ќе оваа пандемиска криза ќе заврши пред пролетта“, додаде Чеферин.
Во интервју за шпанската ТВ мрежа „Мовистар +“ минатиот месец, Словенецот ја навести можноста за намалување на бројот на градови домаќини доколку е потребно, иако УЕФА сепак инсистира на тоа дека е рано да се одлучува за судбината на Европското првенство следното лето.
Претседателот на фудбалската централа на „Стариот континент“ ја коментираше и веста за наводното лансирање на Суперлигата во која би учествувале европски великани.
„За мене, Суперлигата не доаѓа предвид. Тоа е сон на двајца или тројца директори кои не се грижат за солидарност. Тие не се грижат за ништо освен за себе, дури и би им наштетиле на сопствените клубови, но веројатно тоа сè уште не го разбираат. Идејата не е многу сериозна. Создадено е заради заминувањето на претседателот на Барселона, но верувам дека тоа пред се беше популистичка или политичка идеја, отколку сериозна“, заклучи Чеферин.