„Само преку заедничка координирана акција ќе се создадат услови за безгрижно детство, и така светот мора да се обедини во подигнувањето на свеста за детските права“, ова го истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска која се обрати во чест на Светскиот ден на детето, 20. ноември.
„Денес е Светскиот ден на детето! Одбележуваме точно 31 година од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето од Обединетите Нации. Точно 31 година трае борбата за заштита и унапредување на детските права. Но и денес светот се соочува со истите предизвици, како и на почетокот. За жал се уште има деца кои живеат на работ на егзистенцијата, без доволно храна, без пристап до чиста вода за пиење, без можност за образование, здравствена заштита. Има деца кои се жртви на насилство и злоупотреба. Токму затоа, не само 20 ноември, туку секој ден треба и мора да биде ден на детето“, посочи министерката Шахпаска.
Исто така, министерката посочува дека треба да се создаде развој за квалитетно образобрание, односно со еден збор да се воспитуваат идните градетели на светот.
„Министерството за труд и социјалана политика, посветено работи на својата мисија за намалување и елиминација на детската сиромаштија, создава услови за квалитетен ран детски развој и предучилишно образование. Градиме нови градинки за зголемен опфат на деца од предучилишна возраст. Со деинституционализацијата децата ги сместивме во мали групни домови и згрижувачки семејства. Го олеснивме пристапот до гарантирана минимална помош на најсиромашните семејства, обезбедивме правичен и солидарен модел за пристап до детски и образовен додаток, додаде Шахпаска.
Министерката Шахпаска потенцираше дека битката за унапредување на детските права продолжува и додаде дека секое дете е важно.