Филипче на средба со сопствениците на приватните болници: Начинот на користење на ресурсите ќе биде договорен во недела

од Nikola Popovski
283 прегледи

Министерот за здравство Венко Филипче денеска се сретнал со сопствениците на приватните здравствени установи „Жан Митрев“, „Систина“ и „Ремедика“.  На средбата се разговарало како да се реорганизира здравствениот систем за справувањето со ковид-19 откако вечерва се очекува Владата да усвои прогласување кризна состојбата во целата земја.

„Приватните болници изразија позитивен став во однос на користење на нивните ресурси од страна на државата за справување со пандемијата. Со оглед на тоа што за првпат државата заедно со приватните здравствени институции треба да направи реорганизација за справување со ковид кризата во време на пандемија, дополнителни прецизирања на условите, начинот на користење на ресурсите на приватните здравствени установи ќе бидат договорени на следниот состанок закажан за в недела. Дотогаш на формализирање на соработката работат тимовите од МЗ и приватните болници“, велат од Министреството за здравство.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) пак велат дека здраствените власти треба да направат проценка какви ресурси им се потребни за справување со кризата по што предлогот треба да го достават до Главниот штаб во ЦУК.

„Како ќе се утврдуваат потребите односно проценката за потребите на здравствениот сектор ќе бидат изнесени на Главниот Штаб, бидејќи од едноресорски пристап во справувањето со здравствената криза сега преминуваме на мултиресорски пристап, што значи дека основната потреба за ресурси, капацитети кои што се наоѓаат во сопственост на другите ресори, министерства ќе бидат ставени на располагање за потребите за справување со здравствената криза“,  вели Стевчо Стефановски од ЦУК.

Слични содржини