Во пресрет на Новогодишните и Божиќните празници, општина Карпош се подготвува за симболично украсување на неколку пофреквентни локации, со тоа што значително се намалени буџетските средства за оваа намена.
Од планираните два милиони денари за новогодишно украсување во 2020, ќе се објави јавна набавка за украсување до 600 илјади денари (со можност цената при електронска аукција уште повеќе да се намали). На овој начин, заштедуваме најмалку 1.400.000 денари – буџетски средства кои општина Карпош ќе ги пренамени за дополнително опремување на воспитно – образовните установи (градинки и училишта) со прочистувачи на воздух. На овој начин, се постигнува побезбеден престој за најмладите, но и настава за учениците особено во периодот на аерозагадување.
Локалната самоуправа, во изминативе три години покрај тоа што ги укина трошоците за новогодишни прослави на администрацијата, репрезентативни материјали и слично, драстично ги намали и трошоците за новогодишно украсување.
Во 2017 година за оваа намена биле потрошени 406.000 денари, а по 2 милиони денари во 2018 и 2019 година.
Само за споредба, во мандатот на претходното општинско раководство буџетските средства за новогодишно украсување надминувале над шест милиони денари, и тоа:
– 2014 година, потрошени 7.500.000 денари;
– 2015 година, потрошени 7.760.000 денари;
– 2016 година, потрошени 6.250.000 денари.
Многу порано пред почетокот на пандемијата, општина Карпош започна со рационализација на средствата и кратење на непродуктивните буџетски трошоци. Денес, јавните набавки во Карпош се спроведуваат по многу пониски цени, а со подобар квалитет од претходниот период.
Локалната самоуправа нема да дозволи банализација на транспарентноста и одговорното работење. Со објавување на овие податоци само уште еднаш ја потврдуваме проактивната и навремена комуникација со граѓаните, со медиумите и со целокупната јавност. Впрочем, за ваквиот тип на комуникација општина Карпош беше оценета и како најтранспарентна скопска општина, а трета институција на национално ниво, по истражувањето на Центарот за граѓански комуникации во соработка со УСАИД.
Новогодишното украсување, оваа година ќе се спроведе само на пофреквентните локации:
– Платото на „Млечен“ ;
– Платото „Делфина“ во Влае 2;
– Платото во Карпош 3;
– Кружниот тек на улицата „Париска“ (која граничи со улицата „Варшавска“ во Тафталиџе 1);
– Паркот спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Козле.