Бочварски: 350 милиони евра се инвестирани во автопатот Кичево – Охрид, 100 милиони во патиштата кон Бугарија

од Vladimir Zorba
497 прегледи

Министерот за транспорт и врски, Благојчо Бочварски, во вестите на Сител зборуваше и за автопатот Кичево – Охрид и истакна дека деновиве таму има ангажирани 860 работници со 470 машини и дека изградбата е во полн ек.

„Во врска со патот Кичево – Охрид јас сум во комуникација со сите кои работат. Спремни сме да влеземе и во законски измени заради експропријација во некои делови. Таму имаме такви случаи, но имаме и добри сигнали, се работи и оваа есен, има 470 машини, имаме 860 работници на овој проект, 58 отсто од работите се завршени, особено непредвидените клучки, имаме потрошено 350 милиони евра за реализација на овој проект. Не би проценувал рок на завршување, до моментот кога би видел дека целиот проект е завршен, тогаш ќе бидам сигурен. Добар сигнал е дека се одглавуваат проектите и дека се движат работите.“- изјави Бочварски.

Според него капиталните инвестиции, како оваа на автопатот, ќе се следат од еден центар во Скопје. Оваа новина на владата се очекува да донесе поефикасна реализација на капиталните проекти.

„Капитални инвестиции има, но сега централно ќе се следи нивната реализација и секаде каде што има одреден застој ќе може да му се одземаат средствата на министерството кое не е посветено на капиталните проекти. Ваквата контрола ќе овозможи поголема ефикасност. Ние со новиот буџет за следната година имаме 5,3 милијарди денари од кои 71 отсто се за капитални инвестиции и ќе одам на тоа сите проекти да ги реализираме, а тука секако и Коридорот 8 кон Бугарија, како и за магистралните гасоводи и каналзиации и водоводите. За овој буџет, за 2020 година, правиме обид да стигнеме до прагот 75 отсто реализација на капиталните инвестиции“- изрази оптимизам министерот Бочварски.

Во врска со Коридорот 8, кон Бугарија, истакна дека државата инвестира 100 милиони евра во патиштата кон границата со источниот сосед и дека Северна Македонија никогаш не престанала со проектите за патно и железничко поврзување со Софија.

Слични содржини