Оваа недела во македонските аптеки ќе пристигне лекот „Фавира“ познат и како фавипир или фавимол.
За овој лек, Агенцијата за лекови дозволи увоз, откако претходно нелегално се внесуваше од Косово како антивирусен лек што помага и против коронавирусот.
Од агенцијата за лекови велат дека зелено светло дале по барање на докторите. Но дали и кога ќе се најде во аптеките, за тоа требале да одлучат надлежните.
Исто така, посочуваат дека пациентите ќе можат да го обезбедат лекот само врз основа на рецепт и по препорака на лекар.
Досега овој лек на големо нелегално се продаваше во Македонија, а се купуваше во Косово и Босна и Херцеговина, а цената само за едно кутивче била од 75 до 100 евра.
Неодамна министерот за здравство Филипче изјави дека во нашите болници има доволни количества на лековите ремдесивир и фавипиравир, но и други потребни медикаменти со кои се третираат болните од ковид. Тие се даваат само во болнички услови и кај одредени форми од болеста, по клиничка слика.
„Мора да имаме предвид дека ова е лек кој се дава во болнички услови и се дава по строга индикација на болеста на една од формите на болеста кои може да се манифестираат кај пациентите, значи не кај сите, а после направени крвни анализи. Ние го имаме лекот ремдесивир, го имаме и лекот фавипивир, има и некоја терапија која исто се дава во комбинација или посебно од овиое два лека. Ќе почнеме и постапка со која ќе се купи дополнителна количина за целата 2021 година. Значи, лекови има од секој тип сосем доволно, но тоа се лекови што не се даваат надвор од болница“, рече министерот Филипче.