Британскиот премиер Борис Џонсон денес најави нови мерки што ќе стапат на сила во Англија по истекот на таканаречената блокада на национално ниво, кои вклучуваат враќање на регионалниот систем во повеќе нивоа, но со построги мерки.
Тој додаде дека подоцна оваа недела, најверојатно во четврток, ќе објави кои области ќе спаѓаат во која категорија, пренесува Би-Би-Си.
Џонсон рече дека системот на ограничувања на регионално ниво во неколку нивоа во Англија ќе се заостри кога истекува „локдаунот“ на 2 декември и рече дека во некои области ќе се воведе повисоко ниво на предупредување отколку порано, пренесува „Ројтерс“.
Воведувајќи го новиот систем на повеќе нивоа во парламентот, за кој рече дека ќе биде построг, Џонсон објасни дека во областите каде што е воведено првото ниво, тоа значи дека луѓето треба да продолжат да работат од дома, секогаш кога е можно.
Второто ниво ќе значи дека можат да се отвораат само ресторани и пабови кои служат храна, а третото ќе значи дека угостителските објекти ќе мора да бидат затворени, освен кога ќе се изврши испорака или кога клиентите можат да ја земат храната, додека просториите за забава исто така ќе треба да бидат затворени.
Тој додаде дека спортските сали, продавниците чие функционирање не е потребно и компаниите за лична нега ќе можат повторно да се отворат кога ќе истече „локдаунот“ во Англија и рече дека ќе се олесни многу критикуваниот полициски час што се однесува на баровите и рестораните.
Тој додаде дека системот на повеќе нивоа ќе биде „единствен пакет мерки“, без можност за преговори на локално ниво.