Фон дер Лејен: Првите граѓани на ЕУ можат да бидат вакцинирани до Божиќ

од Vladimir Zorba
313 прегледи

Првите граѓани на ЕУ можат да бидат вакцинирани против коронавирусот до Божиќ, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, но предупреди дека земјите-членки мораат итно логистички да се подготват за да дадат стотици милиони дози вакцини.

Обраќајќи им се на европратениците, фон дер Лејан рече дека „светлината конечно се гледа на крајот од тунелот“ и додаде дека „првите граѓани на ЕУ може да бидат вакцинирани пред крајот на декември“.

Европската комисија, извршното тело на ЕУ, има договори со шест потенцијални добавувачи на вакцини и работи на седми договор. Според тие договори, тој може да набави повеќе од 800 милиони дози, што е повеќе од вкупното население, околу 460 милиони.

Вчера Брисел објави дека ќе потпише договор за околу 160 милиони дози на експерименталната вакцина за коронавирус со американската компанија „Модерна“, која изјави дека нивната вакцина, според прелиминарните податоци, е ефикасна 94,5 проценти.

„Земјите-членки сега мора да се подготват. Зборуваме за милиони шприцеви, за организирање центри за вакцинација, за обучени луѓе кои ќе бидат таму. Сето тоа мора да се подготви“, предупреди фон дер Лејен и ги повика граѓаните да ги почитуваат епидемиолошките мерки, иако тие и штетат на економијата и им пречат на луѓето.

„Со скоро 3.000 смртни случаи на ден, Ковид-19 беше првата причина за смртта во ЕУ минатата недела. Болниците се уште се под притисок, а во некои региони единиците за интензивна нега се преоптоварени. Ние мора да учиме од летото и не смееме да ги повторуваме истите грешки. Преголемата релаксација на мерките создава ризик за третиот бран на инфекција по Божиќ“, рече фон дер Лејен, кој додаде дека Божиќ оваа година ќе биде поинаков и помирен.

Слични содржини