„Синоќа го изгубивме нашето мало девојче. Родена е во тишина, откако херојски се избори за да стигне до овој свет. Таа сега е во мир и ќе живее во нашите срца засекогаш “, напиша со скршено срце пејачката Кристина Пери, откако изгуби бебе, за кое претходно објави дека може да се роди порано.
Фотографијата на која таа го држи прстот на својата ќерка со сопругот Пол Костабиле не остави никого рамнодушен.
Пери беше хоспитализирана минатата недела откако и беа дијагностицирани компликации во бременоста.
– Ништо не оди според планот. Бебето има потешкотии, па јас ќе бидам тука додека не пристигне, што може да се случи наскоро – напиша тогаш, а потоа се дозна дека нејзината неродена ќерка има атрезија на хранопроводот, поради што морала да се подложи на операција веднаш по раѓањето.
Тоа е дефект во развојот во кој хранопроводот е тесен или завршува слепо и не се поврзува со стомакот како што треба.
Инаку, Пери и нејзиниот сопруг имаат двегодишна ќерка Кармела Стенли, а таа загуби едно бебе во јануари годинава по единаесет недели, а веста за нова бременост беше објавена во јули.