Мадс Микелсен и официјално како Гринделвалд

од Stefanija Kuzmanovska
473 прегледи

Данскиот актер Мадс Микелсен ќе го замени Џони Деп во улогата на Гелерт Гринделвалд во третото продолжение на серијата „Фантастични ѕверови и каде да ги најдеме“, потврди американското студио „Ворнер Брос“.

Да потсетиме, Деп се откажа од улогата на моќниот волшебник во популарната серија што и претходи на сагата Хари Потер, откако изгуби судски спор со британскиот весник „Сан“, заради написот во кој беше обвинет дека ја тепал сопругата

„Сакам да ги информирам сите дека студиото Ворнер Брос ме замоли да се откажам од улогата на Гринделвалд во „Фантастични sверови“. Се согласив на нивното барање и го исполнив“, напиша американскиот актер на својот профил на Инстаграм.

Британски суд утврди дека поранешната сопруга на Деп, актерката Амбер Херд, се плаши за сопствениот живот и дека сè што објави таблоидот е вистина.

На американскиот актер не му е дозволено да се жали на оваа одлука, а Врховниот суд исто така му нареди да му плати на „Сан“ сума од 630.000 фунти на име судски трошоци.

Деп сè уште има право на жалба до Апелациониот суд до 7 декември.

Данскиот актер Мадс Микелсен се стекна со светска слава како главен антагонист на Џејмс Бонд во филмот „Казино Ројал“ од популарната франшиза за тајниот агент 007.

Тој исто така го играше Ханибал Лектор со голем успех во телевизиската серија „Ханибал“.

Љубителите на артхаус филмови ја почитуваат неговата работа долги години, за што тој беше номиниран за најдобар европски актер неколку пати (годинава е главен фаворит за наградата на Европската филмска академија за главната улога во филмот „Уште една тура“ на Томас Винтерберг).

Во светот на Хари Потер, Гринделвалд е исклучително важен, злобен волшебник, а само Волдеморт е помоќен. Снимањето за третиот дел во серијата „Фантастични ѕверови и каде да ги најдете“ веќе започна во Велика Британија со Еди Редмејн и Џад Ло во главните улоги.

Премиерата е закажана за 15 јули 2022 година.

Слични содржини