За првпат од почетокот на септември, Светската здравствена организација (СЗО) забележа пад на бројот на новозаразени со коронавирусот во светот, изјавил директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус.
Тој објаснил дека ова е поврзано со намалувањето на инциденцата во Европа, „благодарение на ефикасните, но тешки мерки што се воведени“.
„Ова е добра вест, но ние мора да ја толкуваме со голема претпазливост“, додал Гебрејезус.
Според него, бројот на случаи на Ковид-19 сè уште расте во другите региони во светот, како и бројот на смртни случаи од вирусот. Во таа насока, тој повикал да се покаже одговорност пред новогодишните празници и да се процени колку ќе биде безбедна прославата за време на пандемијата.
Претходно, СЗО објави дека бројот на потврдени случаи на инфекција со коронавирус во светот во изминатите 24 часа е повеќе од 564 илјади, а починале 8.985 лица.
Од почетокот на пандемијата, регистрирани се над 63,3 милиони случаи на коронавирус, од кои повеќе од 1,4 милиони луѓе починале од болеста. Во моментов има повеќе од 18 милиони активни случаи во светот.