Фондацијата Претприемачки сервис во пресрет на очекувањата за старт на преговорите со Европската Унија организира виртуелна конференција насловена како „Патот кон единствениот европски пазар“.
Целта на оваа конференција, според тоа како информираа организаторите, е да се покрене свеста за тоа што всушност значи да се биде дел од единствениот европски пазар, како и за влијанието кое пристапувањето го има за економскиот раст, креирањето нови работни места, подобрување на конкурентноста на претпријатијата, нивото на инвестиции и др.
Во текот на оваа конференција, учесниците ќе имаат можност да се запознаат со искуството на некои земји-членки на ЕУ како Финска, Чешка и Германија. Исто така, учесниците ќе може да се информираат за алатките кои Европската комисија ги има на располагање за граѓаните и компаниите за олеснување на правата за непречено вработување, студирање и водење бизнис во рамки на Европската унија.