Министерот за здравство Венко Филипче, денес од Штип изјави дека ниту еден граѓанин не треба да посегне да бара лекови кои не се докажани дека помагаат во лекувањето на коронавирусот, откако беше прашан за препродавањето и купувањето на лекови на црно преку Интернет.
„Лековите ремдесивир и фавира не се докажани дека помагат специфично за новата болест. Насекаде во светот има многу клинички студии кои испитуваат, ние знаеме дека специфичен и посебен лек за оваа болест нема. Се прави комбинација на постојни терапии за други болести или согласно симптомите коишто ги дава оваа болест. Мора да знаеме дека има навистина широка лепеза на симптоми со коишто оваа болест може да се манифестира. Во таа смисла апелирам да секој еден пациент во консултација со матичниот лекар или за време на болничкото лекување, апсолутно само под контрола на лекар да прими соодветна терапија“, истакна Филипче.
Филипче потенцира дека постои унифициран протокол за лекарите за лекување на болните од Ковид-19 и на тој протокол им е укажано повеќе пати.
„Има толку многу различни клинички форми што секоја клиничка форма бара поинаков пристап, поинакво лекување, поинакво дозирање на истите лекови коишто доаѓаат предвид за давање при соодветна манифестација и во таа смисла тоа е така секаде во светот. Затоа е многу битно сите коишто имаат и најмали симптоми и за било каков чекор во однос на дијагнозата за лекувањето да прават консултација со лекар“, рече Филипче.