Вкупната инвестиција за реализација на овој капитален проект којшто општина Илинден го реализира во соработка со Министерството за труд и социјална политика изнесува 33 милиони денари, од кои од буџетот на општина Илинден се обезбедени 27 милиони денари за фазите: архитектура, изградба на новиот објект и обезбедување на комплетна инфраструктура, хортикултурно и партерно уредување како и асфалтирање на паркинг просторот пред градинката.

„За нас секое дете е важно. Предучилишното образование го поставува темелот на кој што младата детска личност, се гради во иден ученик во основно училиште, средно образование и академски граѓанин,“ изјави министерката Шахпаска.

Таа потсети  дека од почетокот на мандатот, покрај денешната во Илинден се отворени и градинките во Сарај и Гостивар, а до крајот на годината планирано  е отворање на градинките во Ресен, Боговиње и на уште четири други.  Шахпаска рече дека Министерството планира до крајот на мандатот на оваа Влада во детските градинки да има опфат од 7.500 нови деца.

Градоначалникот Жика Стојановски искажа благодарност до министерката Шахпаска и Министерството за труд и социјална политика. Тој додаде дека и во наредниот период општина Илинден ќе продолжи со активности за зголемување на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст.

– Капиталните инвестиции во предучилишните установи за згрижување на деца од предучилишна возраст и образованието, се наша трајна определба во реализација на нашата визија, општина Илинден да биде економски силна и конкурентна општина, истакна градоначалникот Жика Стојановски.

Градинката е високо енергетски ефикасен објект во кој е инсталиран систем за греење и ладење со топлински пумпи кој ги задоволува највисоките стандарди.

Објектот на новата градинка се простира на површина од 540 м2, располага со 4 занимални и има капацитет да згрижи 90 деца. Во насока на почитување на протоколите во овој период градинката ќе згрижува 75 деца.