Работодавачите опстојуваат на барањaтa, на работниците кои работеле прекувремено да не им се исплати 13 плата, а на вработените кои се во изолација поради контакт со заболен од КОВИД да им се пресметува боледување.
Очекуваат Владата да има разбирање за нивните забелешки и да донесе заклучок, членот 117 став 4 од ЗРО да не се применува во текот на 2020 година бидејќи овој зголемен трошок, како што велат, многу негативно ќе се одрази на компаниите.
Од здружението „Гласен текстилец” не се согласуваат со работодавачите. Срамно е велат за „Локално“, да не се почитуваат правата на работниците и законот кој јасно дефинира дека на секој кој работел 150 часа подолго од полното работно време, работодавачот е должен да му исплати плата и бонус од една просечна плата.
Но прашање е, вели Кристина Ампева, колку тоа и досега се почитувало.
„Има ли институција да ни каже колку досега низ годините се исплаќал овој бонус? Нека ни се дадат податоци дали и во која сума се исплаќа регрес за годишен одмор. Во над 90 отсто од конфекциите не знаат што е тоа, иако секоја сабота е работна, со ретки исклучоци. Срамот би излегол на виделина, дека е важен само капиталот, а не и да се награди и да се исплати работникот кој го вршел производството“, вели таа.
Работодавачите очекуваат позитивен одговор од владата и во делот на надоместокот од плата за вработените кои се во изолација поради контакт со заболен од КОВИД 19.
Неприфатливо е, велат oд ОРМ во писмото до надлежните, овие работници да земаат целосна плата. Законот ниту пак која било пракса во светот не познаваат ваква категорија – „оправдано платена работа“. Бараат матичните лекари да отвораат боледување и по основ на изолација а не да ги ставаат тие вработени во привилегирана положба.
Од „Гласен текстилец“ порачуваат цела плата да се исплати независно дали работникот е на боледување како позитивен на коронавирус или е во изолација.
Постојано се бара нешто што оди на штета на вработените во приватниот сектор а без нив, вели Ампева, државата не може да функционира.
„Секако дека треба да се плаќа 100%, бидејќи ние немаме 100% бесплатно здравство, бидејќи никој не ни дели без пари лекарства и витамини, нo да важи за сите“, вели Ампева за „Локално“.
Бара да се испита на што се должи зголемениот број на спогодбени откази или на намалено работно време на поголем број вработени во дадена фирма.
Важен е заедничкиот пристап на сите институции доколку сакаме да говориме за правна држава и институции во служба на граѓаните, вели Ампева, „ништо повеќе и ништо помалку“.
К.В.С.