Германија: На секои четири минути умира по едно лице од Ковид-19

од Nikola Popovski
147 прегледи

Германската покраина Баварија, која има најголем број на смртни случаи од последиците од коронавирус во земјата, од средата ги заостри ограничувачките мерки, а граѓаните ќе можат да ги напуштат своите домови само од оправдани причини.

„На секои четири минути во Германија, едно лице умира од вирусот“, соопштил премиерот Маркус Зедер во обраќањето до јавноста и оценил дека ситуацијата во Баварија е катастрофална, пренесува Билд.

Тој потенцирал дека новите мерки ќе траат до 5 јануари, при што ќе бидат опуштени околу Божиќ, но не и за новогодишната ноќ. Баварските граѓани ќе можат да ги напуштат своите домови само за добра причина, како што се одење на работа, на лекар или на прошетка, истакнал Зедер.

„За жал, ситуацијата е сериозна. Сепак, тоа што го правиме не изгледа доволно. Мораме да сториме повеќе“, изјавил Зедер, пренесува Танјуг.

Предвиден е ноќен полициски час на местата со најголема стапка на инфекција, а забраната за алкохол на отворено е сè уште во сила.

Мерките треба да бидат потврдени од покраинскиот парламент во вторник. Во Германија, од почетокот на пандемијата, од коронавирусот починале околу 19.000 луѓе, од кои само Баварија имала 4.289 смртни случаи.

Досега повеќе од 1,17 милиони луѓе се заразени низ целата земја.