Апасиев вчера побрза да се правда дека Пратениците од левица биле единствените кои не гласале ЗА парите кои треба да им се исплатат на партиите.
Ама, како што секогаш е случајот со популистичките нарцисоиди на политичката сцена, пропушти да каже дека не гласале ниту против или воздржано, ниту пак дека демонстративно излегле од салата за да „не им дадат легитимитет на деструктивните политики на Заев“, како што тоа претходно го направија.
Не. Си седеа, си ќутеа, си ги земаа парите и потоа ломотеа по социјални мрежи како они се демек бранители на работниците и на сиромашните граѓани бидејќи не гласале ЗА.
Проблемот со вонинституционалните популисти е што можат да говорат буквално што сакаат, лишени од последиците и одговорноста на своето одлучување. Но, штом влезат во институциите, тие имаат одговорност која е поголема од било чија политичка кариера. Или, во случајов на Левица – желба за парички поголема од празните флоскули и устите полни пена и омраза.
Како поминува времето, сигурен сум дека народните избраници на оваа партија без идеологија ќе имаат уште прилики да покажат дали позначајни им се вредностите кои ги пропагираат или личните интереси. Но, народ гледа и народ памети, а дури и најпаметните и најскапите кампањи на пропаганда на социјалните медиуми не можат да ги избришат резултатите од гласањата во Собранието.
Да се разбереме – не велам дека Пратеникот треба да одлучува врз основа на лајковите кои може да ги собере на социјалните медиуми со својот глас во Собранието. Напротив, тоа е практика која може да биде погубна за нашата демократија. Но, секој пристоен Пратеник треба барем да стои зад своето однесување во законодавниот дом и последиците од истото.
Граѓаните заслужуваат повеќе од твоите провидни финти, димче.
п.с. Кога сме кај #АбеКуре политиките на оваа збирштина опортунисти – збор или два за Амандманите на Измените и дополнувањата на Деловникот за работа на Собранието на РСМ.
Левица вели дека ги блокираат измените за он-лајн работа на Собранието за да го „закочат антидржавниот АНЕКС на Договорот со Бугарија, кој деновиве го крчка Заев со Софија“.
Не. Уште една лага и манипулација. Доколку би сакале да го „закочат Анексот“ (кој, во моментот на пишување на оваа објава не постои), тие можат да поднесат исто толку Амандмани на самиот Анекс, а не на Деловникот. Вака не ја „штитат државата и македонските интереси“, туку само ја блокираат, од свои, популистички побуди. И ги спречуваат Пратениците во услови на пандемија и болест да ја вршат својата должност, предвидена и гарантирана со Уставот.
Башка, не најде ни за згодно да се појави на расправата за неговата глупава, неодмерена и ужасно деструктивна Декларација за осуда на Бугарија. Ама не верувам дека ќе напише нешто за тоа.
ФБ статус на Павле Богоевски