Според Левица, државното финансирање на партиите обезбедувало политичка независност

од Vladimir Zorba
185 прегледи

Партијата „Левица“ во изјава за „Плус Инфо“ вели дека „државното финансирање на политичките партии има клучна улога во одржување на „каков таков“ политички плурализам“.

– Иако сегашниот модел, на малите политички партии им носи најмал процент од финансиите, сепак, тоа има и далеку поголемо влијание врз нивната можност да учествуваат и да се борат во политичкиот систем, односно да ги претставуваат интересите на нивните гласачи, истакнуваат од партијата на Апасиев.

Според нив, токму државното финансирање има многу поголема важност за опстојувањето на оние партии кои „намерно избегнуваат финансирање од крупен капитал“ и „приватни донатори заради обезбедување политичка независност“.

Изминатиов викенд, без поднесување илјадници амандмани со цел да се парализира Собранието, како што во претходниот период правеа ВМРО-ДПМНЕ и Левица, пратениците сложно кренаа рака и го изгласаа Законот за финансирање на политичките партии.

„Левица се единствените кои, на вчерашната собраниска седница, не гласаа ЗА измена и дополнување на Законот за финансирање политички партии!“, велат од партијата на Апасиев.

„Но не гласавте ни против“, реагираа корисниците на социјалните мрежи.