Незапирлива кинеска технологија: Ќе го контролираат времето

од Nikola Popovski
258 прегледи

Кинеската влада сериозно инвестира во развој на технологијата, но соседните земји го обвинуваат Пекинг дека не ги зема предвид последиците што нивните проекти може да ги имаат за остатокот од светот.

Кина започна амбициозна програма за управување со времето, опфаќајќи површина од 5,5 милиони квадратни километри, што е површина поголема од цела Индија. Станува збор за експериментална програма, која Пекинг се надева дека ќе ја заврши до 2025 година и се занимава со управување со времето засновано врз нови технологии и истражувања на кинески научници.

Во следните пет години површината опфатена со програмата за вештачки предизвикан дожд и снег, ќе се зголеми, со цел да се достигне планираната област, а истовремено околу 580.000 квадратни километри ќе имаат вештачка заштита од градот, односно ќе се примени технологија за блокирање на градот.

Кинеските научници се надеваат дека програмата ќе резултира со технологија што ќе се користи пошироко, од помагање во случај на временски непогоди, до подобрување на земјоделското производство, но и реакции во итни случаи во случај на пожар и помош во случај на невообичаено високи температури или суши. Кина веќе ја користи својата технологија за управување со времето. Пекинг е веќе познат по тоа што небото е секогаш без облак за време на важни состаноци и ја примени технологијата за растерување на облаците пред Олимписките игри во 2008 година, со цел да се намали смогот и да се избегне дожд за време на важните натпревари.

Едно американско истражување, финансирано од Американскиот национален институт за наука, објавено на почетокот на оваа година, дојде до заклучок дека растерувањето на облаци може да поттикне снег на голема површина кога атмосферските услови се поволни. Кина, од друга страна, и покрај непотврдени теории, значително ја финансираше работата на новата технологија, ставајќи многу надеж во неа. За пет години, меѓу 2012 и 2017 година, инвестирала повеќе од 1,34 милијарди долари во програми за управување со времето. Минатата година државната новинска агенција „Ксинхуа“ објави дека програмите за промена на времето помогнале да се намали големината на градот за 70 проценти во западната провинција Синџијанг, каде земјоделството е една од клучните гранки.

Со текот на времето, кинеските игри создадоа проблеми во соседна Индија, чие земјоделство зависи од сезоната на монсуни, која веќе е во неволја и стана непредвидлива поради климатските промени. Прашањето се прелева во политичката арена, бидејќи многумина веруваат дека технологијата може да и донесе предност на Кина во случај на иден судир меѓу двата соседи. Двете земји неодамна се судрија на нивната граница. И за многу други, оваа програма, а особено недостатокот на меѓународно, заедничко управување, е многу проблематична.