СЗО ја оцени ситуацијата во САД како „шокантна“

од Vladimir Zorba
174 прегледи

Светската здравствена организација (СЗО) оцени дека епидемиолошката состојба во САД е шокантна, имајќи ја предвид состојбата на здравствениот систем.

Директорот на одделот за итни случаи при СЗО, Мајк Рајан, истакна дека една третина од пациентите во светот се наоѓаат во САД.

„Епидемијата во Соединетите држави е немилосрдна, таа е распространета насекаде. Искрено, шокантен факт е што секоја минута умира по еден или двајца луѓе во Америка, а ние зборуваме за земја со силен здравствен систем и невидени технолошки капацитети“, рече Рајан.

Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека тој сè уште нема да стапи во контакт со преодниот тим на новоизбраниот претседател Џо Бајден.

Администрацијата на Трамп објави дека ќе го напушти СЗО затоа што е „премногу зависна од Кина и е корумпирана“, а Бајден изрази интерес за промена на таа одлука.

Водечкиот американски инфектолог Ентони Фаучи предупреди дека „бран по бран“ ќе се случи ако Американците продолжат да патуваат за време на празниците.

„Ако не ги следиме препораките, можно е ситуацијата да биде многу лоша во средината на јануари. Не само во Њујорк, туку и во сите други градови“, рече Фаучи на прес-конференција со гувернерот на Њујорк – Ендру Куомо.