Психолози: Првиот бран ни донесе шок и неверување, вториот тага по загубата на луѓето како последица од Ковид 19

507 прегледи

Во рамки на актуелната тема врзана за Ковид 19, во општественото окружување се наметнуваат и други здравствени прашања.

Имено, менталното здравје на луѓето предизвикано од страв да не се заразат од опасниот коронавирус, како и наметнатите како превенција мерки како што беше локдаунот, и рестрикциите за движење и работење, се доведе до голема комплексност.

По направените консултации и прашњата кои граѓаните секојдневно ги поставуваат на адреса на психолозите, психијатрите и неуропсихијатрите, разговаравме со две докторки чија доктирна го опфаќа токму комплексниот проблем со менталното здравје, наметнат од новото темпо на живот.

Според нивното искуство изминатата година, пациентите болни од Ковид 19 во голема мерка барале помош од нив.

Д-р Бојана Стојменовиќ, попозната како „Мој психолог“, вели дека пациенти бараат поддршка, и тоа особено во овој „втор бран“. Доктор Ивана Хаџиванова идентично го потврдува ваквиот податок и додава дека сесиите со пациентите ги спроведува онлајн, и со истите се помага на пациентите да го минат психолошки полесно процесот на лекување.

За тоа колку Ковид 19 предизвикува нарушување на менталното здравје, дали пациентите болни од короната се соочуваат со страв, анксиозност, депресија или некоја друга психолошка дијагноза, д-р. Стојменовиќ вели дека позади Ковид се случува една друга пандемија, во однос на менталното здравје.

– Постои пораст во однос на барање психолошко советување и подршка при анксиозните состојби. Не би кажала дека Ковид предизвикува нарушување на менталното здравје кај сите пациенти кои се болни од Ковид, сепак тука мора да ги земеме во предвид и останатите фактори како што се личните снаги, механизми за справување, резилиентност и сл. Стравот и анксиозноста во одредена мера дури е и очекувано и нормално да се појават (во ситуација како оваа), но кога се јавуваат во потешка форма и кога стануваат пречка во секојдневното функционирање, тогаш треба да размислиме да побараме и професионална помош.“

Д-р. Хаџиванова пак, на ова прашање изрази жалење за фактичката ситуација со оглед на тоа дека менталното здравје ни е загрозено и тоа, како што вели, во глобални рамки.

„Имаме епидемија на болеста предизвикана од коронавирусот, но епидемија и на паника, анксиозност, депресивност, процеси на тагување, реакции на стрес и општо дестабилизација на менталното здравје како резултат на стресорот, загубите, неизвесноста и долготрајноста на кризата. Тоа е очекувано со оглед на големината на стресорот, промените и адаптациите кои ги правиме, но и соочувањето со непозната, нова болест која е голем ризик по сопствениот живот и животот на своите најблиски“, вели Хаџиванова.

Во рамки на овие статистики пак, двете докторки се согласни за начинот на кој им се помага на пациентите и нивните блиски. Се работи инаку за онлајн спроведени семејни сесии. Работат и на групни психотерапии, кои помагаат во рана и точна детекција на психопатолошките отстапувања. Според Хаџиванова, од овој процес не се исклучени ниту децата од мала возраст, со која таа работи преку игри, реедукации и рехабилитации. Но, потенцира дека за разлика од возрасните, со нив работи во физичко присуство.

Кога се работи конкретно за првиот бран и рестриктивните мерки за движење, каде пациентите болни од Ковид, но и нивните блиски беа дома и затворени, Стојменовиќ вели дека карантините во првиот бран беа предизвик за сите, не само за болните од Ковид и нивните семејства. Не треба да заборавиме, вели таа, дека контекстот во кој се наоѓавме тогаш и сега не е наш природен контекст во кој ние сме научени да функционираме. Очекувано беше да се јават реакции како што се стравот, анксиозноста, конфликтите помеѓу членовите од семејството и сл.

„И првиот, и вториот ни нанесоа удар на менталното здравје, покрај соматското. Првиот ни ја донесе фазата на шок и неверување, и интензивни измешани емоции кои голем број од граѓаните ги доведе до преплавеност со страв и панично однесување. Тогаш беа и почетните огромни присилни адаптации. Вториот бран, со уште поголемите загуби и бројки на заразени, донесе уште поголема веќе хронична загриженост и чувство на беспомошност, кои предизвикаа исцрпеност на менталните снаги од долготраjноста на кризата кај многумина“, вели по однос на ова прашање Д-р. Хаџиванова.

Тука сепак не треба да се заборави на фактот дека пациентите кои посетуваат стручна помош, несомнено барем дел од нив имаат претходни психолошки растројства. Па така, Ковид, во дел од случаите е само дополнителна алка во низата психолошки проблеми.

„Ковид-19 пандемијата предизвика дестабилизација кај луѓето кои и претходно се соочувале со предизвици врзани за своето ментално здравје. Но, за голем број луѓе, токму Ковид-19 и пандемијата се тригер и главен стресор кој доведува до нарушување на психичката состојба за првпат кај нив“, вели Хаџиванова.

Но, било да е Ковид во прашање или некоја друга причина за проблемите со менталното здравје, до граѓаните се апелира внимателност, рекреација, самосвесност и работење на сопствената градена форма, се со цел на било кој начин да ја намалиме и онака високата стапка на граѓани кои во поголем дел се соочуваат со честите психолошки растројства и состојби како анксиозноста, депресијата, деменцијата итн.

А.В.

Слични содржини