Француското обвинителство побара 4 години затвор за Саркози

од Vladimir Zorba
290 прегледи

Француското обвинителство денеска побара четири години затвор, вклучително и две години условна казна затвор против поранешниот француски претседател Никола Саркози, кому му се суди за корупција и тргување со влијание, во невиден судски процес во Франција.

Обвинителот Жан-Лук Блашон ги побара истите казни за уште двајца обвинети во истото судење, поранешниот судија Гилберт Азиберт и поранешниот адвокат на Саркози, Тиери Ерцог.

За Ерцог, Блашон исто така побара да му биде забрането да ја извршува својата професија на пет години.

„Републиката не ги заборава своите претседатели, само затоа што тие создаваат историја. Напротив, не смееме да му признаеме на поранешниот претседател да ја заборави Републиката и она што таа го носи со децении, а тоа е владеење на правото“, рече Блашон.

Обвинителот изјави дека аферата има разорни последици што влијаат на вредностите на Републиката затоа што ги загрозува судската институција, адвокатурата и претседателскиот имиџ.

За утре е закажано обраќање на одбраната.

Саркози, кој беше претседател од 2007 до 2012 година, чека уште едно судење во пролетта 2021 година. На него, заедно со уште 13 лица, ќе им се суди под обвинение за незаконско финансирање на неговата претседателска кампања во 2007 година.

Слични содржини