Маричиќ: Методологијата за прочистување на правосудството ќе биде одобрена до крајот на годината

од Vladimir Zorba
190 прегледи

На настан на Државната комисија за спречување на корупцијата, кој се одржа по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата, Маричиќ најави дека очекува Методологијата за прочистување на судството и обвинителството на 28 декември очекува да биде одобрена од Советот за реформи во правосудството.

Во обраќањето, Маричиќ истакна дека корупцијата секаде во светот директно го загрозува јавното добро и влијае на квалитетот на јавните услуги, а особено последиците се видливи и во квалитетот на правдата во судовите и обвинителствата.

Министерот ги наведе позитивните наоди од Извештајот на Европската комисија во делот на борбата против корупцијата но потенцираше дека сепак граѓаните очекуваат да покажеме опипливи резултати во борбата против криминалот, односно да го зголемиме бројот или досието со конечни пресуди за случаи на корупција на високо ниво, вклучително и со понатамошна конфискација на имот стекнат со криминал.

– За враќање на јавната доверба во системот на борба против корупција и криминал, многу е важно обвинителството да ги продолжи постапките со ефикасно постапување пред судовите, а судовите да ги завршат постапките со конечни пресуди, особено оние кои ги отвори СЈО и коишто повеќе години се наоѓаат во судските лавиринти, потенцираше Маричиќ.
Маричиќ истакна дека довербата во правосудството може да биде подигната единствено доколку сите нови случаи кои излегле или ќе излезат да бидат процесуирани и така ќе докажеме дека навистина нема недопирливи во нашата земја.

– Со моето доаѓање во Министерството за правда најавив дека за неколку месеци ќе објавиме методологија според која ќе се филтрира судството и обвинителството. Изработката на оваа методологија можам да кажам дека е во завршна фаза иако пандемијата малку не забави, но процесот е на крај, очекувам до крајот на годината таа да биде усогласена со Судскиот совет и Советот на Јавните обвинители, а исто така на 28 декември оваа година да биде одобрена од Советот за реформи во правосудството.
Маричиќ истакна дека очекува конкретни насоки и временски рамки од Судскиот совет и Советот на Јавни обвинители како ќе ги прочистат своите редови и која ќе биде улогата на Државната комисија за спречување на корупција.

На крајот на своето денешно обраќање, Маричиќ изрази надеж дека ќе успееме преку механизмите на ЕУ што поскоро да го деблокираме почетокот на преговори за членство.

– Ве уверувам дека тоа ќе биде значајно гориво, значајна поддршка на нашите институции за подобра работа, поефикасно постапување и повеќе успеси бидејќи навистина е фрустрирачки 16 години да чекаме во чекалната за почеток на преговорите. Спремни сме и заслужуваме да ги започнеме преговорите, потенцираше Маричиќ.

Слични содржини