Кина ќе воведе санкции против американски официјални лица кои се мешаат во работите на специјалниот административен регион Хонг Конг.
И тоа како контра-мерка на американските санкции наметнати врз високи кинески функционери, пренесува „Чајна дејли“.
Ова го објави Постојаниот комитет на Националниот народен конгрес откако САД најавија санкции против 14 кинески функционери, повикувајќи се на одлуката за усвојување на Законот за национална безбедност, но и откако владата на Хонг Конг протера четворица членови на опозицијата од својот законодавен дом поради наводни безбедносни закани.
„Американските санкции се типичен пример за политичко насилство и двојни аршини. Ние силно го осудуваме и се спротивставуваме на ова“, се вели во соопштението.
Се посочува дека прашањата поврзани со Хонг Конг се исклучиво внатрешни работи на Кина.
Во соопштението се вели дека Законот за национална безбедност е донесен за да се заштити националниот суверенитет на Кина, безбедноста, развојните интереси и долгорочниот просперитет и стабилност во Хонг Конг, како и да се обезбеди стабилно и долгорочно функционирање на принципот „една држава, два система“.
Велика Британија го предаде Хонг Конг на Кина во 1997 година, според договорот за правилото „една држава, два система“, што овозможува одреден степен на автономија за Хонг Конг.