Ќерката на популарниот музичар Лени Кравиц и актерката Лиза Бонет, Зои Кравиц (31) редовно се наоѓа на листите на најубави жени во последните неколку години, како и јавни личности со најмногу стил. Многумина се интересираат како се негува таа, на кој начин и што ги сочинува нејзините основни постулати за убавина.
Зои неодамна ѝ откри на јавноста дека основата на нејзиниот ритуал за нега е чистење на кожата. Лицето се мие наутро и навечер со препарати кои не содржат конзерванси. Таа обожава серуми, како и навлажнувачки креми и често оди на третмани во Њујорк и Лос Анџелес, градовите во кои живее.
За себе вели дека е тип на жена која со шминка ги истакнува своите очи или устата, но во никој случај и двете.
– Сакам црвен кармин, мислам дека е секси и шик. Кога ги шминкам очите, ми се допаѓа формата на мачка“. Тоа е безвременски изглед. Сакам да комбинирам обична бела маица и вака нашминкани очи, бидејќи овој вид „шминка“ ја крева скоро секоја комбинација. И ги научив тие потези за шминкање да ги правам сама – открила Зои.
Кога станува збор за шминкање, таа вели дека нејзиниот живот најмногу го сменил коректорот со лесна текстура и силна моќ на покривање.
– Бев среќна што открив нешто лесно, особено затоа што не сум обожавател на тешки пудри, но сакам кожата да ми изгледа убаво и мазно. Користам коректор за пределот околу очите и носот, а ги опфаќам и сите мозолчиња. Јас ги цртам веѓите со молив, сакам да им дадам малку повеќе дефиниција. Се чувствувам гола ако не ги нацртам веѓите. Нанесувам илуминатор или хајлајтер на образите и носот и додавам „трошка“ руменило. Ми се допаѓа да ми блеска лицето.
Зои открива дека нејзината најдрастична промена на фризурата била кога ја ишишала косата кратко.
– Дури тогаш сфатив колку долго се криев зад мојата коса. Таа беше како еден вид заштитна обвивка за мене, па одеднаш се чувствував многу изложена… Тоа беше одлично за мене затоа што сфатив колку се потпирам на косата за да се чувствувам женствено. Интересно беше да се погледне сопствената женственост од малку поинаков аспект. Тогаш се облеков и малку поинаку, поконзервативно… И имав потреба да ставам повеќе шминка затоа што лицето ми беше некако поизложено. Кога станува збор за нега на коса, хидратацијата ми е најважна затоа што мојата виткана коса е особено склона кон сушење. Од препаратите, користам кокосово масло, како и масло од рузмарин.