Реакциите кои извираат од гнев, никогаш не ги сфаќам сериозно по мојот изнесен став. Мојата борба за правда нема да престане под никаков притисок. Не верувам дека со ова создавам непријатели, затоа што често се случува луѓето што ги критикувам за еден став, да ги поддржувам за некој друг став или одлука, вели Лиса Баута Шаќири, магистар по правни науки во интервју за „Локално“.
За вработувањата по етнички клуч смета дека покрај тоа што е дискриминаторски кон Македонците како најголема етничка заедница, тие се омаловажувачки за интелектуалците Албанци.
-Пазарната економија и слободата на пазарот се косат со идејата за вработување по етнички клуч во приватните компании. Предлогот освен што беше дискриминаторски кон Македонците како најголема етничка заедница, беше и омаловажувачки за интелектуалците Албанци. Време е да сфатиме дека помина времето кога Албанците се гледаа како необразован и нестручен кадар. Денес Албанци од Р.С. Македонија студираат и се професори на престижни светски универзитети, работат во светски компании, се врвни лекари во европски земји итн, смета таа.
За Шаќири правилното воспитување на децата е единствениот метод со кого мисли дека може да се градат мостови.
– Поточно, воздржувањето од сеење омраза, зошто љубовта природно доаѓа. Доколку сите ги оставаме децата да си играат меѓу себе, да разменат култури, да ги носиме на Бајрам кај комшиите или да ги носиме на фарбање јајца пред Велигден, мислам дека нема да треба преголем напор за да тие деца израснат во луѓе кои немаат предрасуди. Многу е поголем напорот да сееме омраза отколку љубов кон различните етникуми, вели Шаќири.
За коментарот на Апасиев дека Албанец не смее да преговара за идентитетот на Македонците, Шаќири вели дека токму лидерот на Левица е меѓу малкуте политичари кои не поседуваат демократска култура и политичка зрелост на политичката сцена
– Во парламентарна демократија, народните избраници во Собранието на Република Северна Македонија гласаат за составот на Владата. Бујар Османи е министер за надворешни работи и како таков има право и обврска да си ја врши функцијата. Доколку г. Апасиев смета дека Османи не е на висина на задачата, може да најде уште тројца пратеници кои се согласуваат со него, за да има најмалку 5, и да постави интерпелација. Свежи ни се сеќавањата дека „најголемите патриоти” го опљачкаа народот и државата, но никогаш нема сите патриоти да ги поистоветуваме со одредени индивидуи кои се огрешиле, истакна Лиса Баута Шаќири.
Често знаете јавно да ги искритикувате и повикате политичарите да се извинат за својот изнесен став, одлука…без разлика на нивната национална припадност. Дали вашето мислење, кое е еден вид борба против неправдата, против национализмот, говорот на омраза придонелео да добивате закани? Ако ги имате дали некогаш ве поколебале да престанете јавно да говорите?
– По секој искажан став, нормално и очекувано е некој да не се согласува. Свесна сум дека со голем дел од моите ставови, повредувам нечии чувства, односно интереси. Реакциите кои извираат од гнев, никогаш не ги сфаќам сериозно. Тие најчесто доаѓаат од луѓе кои во недостаток на аргументи со кои би побиле некој мој став, се впуштаат во лични навреди и обид за лична дисквалификација. Морам да признам дека по критиките кон вицепремиерот Груби и претседателот на движењето Беса, Касами, очекував некој од моите драги пријатели кои се на високи позиции во нивните партии да ме посоветуваат да ретерирам. Позитивно сум изненадена, и им честитам на двата политички субјекти што пред се покажаа џентлменски манири, демократска принципиелност и политичка коректност со тоа што иако ги примиле моите критики, не се обидоа на ниеден начин да ме замолчат.
Мојата борба за правда нема да престане под никаков притисок. Не верувам дека со ова создавам непријатели, затоа што често се случува луѓето што ги критикувам за еден став, да ги поддржувам за некој друг став или одлука. Можам слободно да кажам дека освен што непоколебливо ќе продолжам да го искажувам моето мислење, ќе се потрудам да ги инспирирам и другите да го прават истото.
Нема успешно општество без исполнети и реализирани луѓе. Колку владиниот концепт „едно општество за сите“ може да помага и придонесува за надминување на етничките и културните специфики?
– Надминувањето на како што ги нарекувате, етнички и културни специфики, за да може да се створи атмосфера во која што и покрај различноста би успеале да живееме заедно во хармонија, е нешто што се постигнува тргнувајќи од најниските слоеви на општеството, па до високите јавни функции, а не обратно. Од лично искуство тврдам дека тоа не е нешто што се постигнува со налог од авторитети, туку од фундаменталната природа на човекот, потребата за социјализација, домашното воспитување итн. Владата не може значително да влијае на начинот како ние живееме, но сепак сметам дека треба да влијае на образовните програми, каде од мали деца едните учат дека Македонците се дојдени од зад Карпатите, а другите учат дека Албанците се племе симнато од планина. Без да сакам да навлегувам во историски факти, сметам дека ваквите поделби, заедно со поделбите по етничко чисти училишта влијаат на продлабочувањето на поделбите во општеството.
Според вас која е соодветната алатка за градење на мостови помеѓу различните етнички заедници?
– Правилното воспитување на децата е единствениот метод со кого мислам дека може да се градат мостови. Поточно, воздржувањето од сеење омраза, зошто љубовта природно доаѓа. Да не забораваме дека голем дел од родителите ги воспитуваат децата дека нивната нација е подобра од другите, а некои се уште ги плашат децата со „циганите”.
Доколку сите ги оставаме децата да си играат меѓу себе, да разменат култури, да ги носиме на Бајрам кај комшиите или да ги носиме на фарбање јајца пред Велигден, мислам дека нема да треба преголем напор за да тие деца израснат во луѓе кои немаат предрасуди. Многу е поголем напорот да сееме омраза отколку љубов кон различните етникуми.
Во социјалните медиуми продолжува говорот на омраза и меѓуетничката нетрпеливост. Дали можеби казните за поттикнувањето на насилство и ширење меѓуетничка омраза би помогнале?
-Иако Кривичниот Законик на Репубика Северна Македонија предвидува казна за говор на омраза и поттикнување на насилство, во пракса ретко тие предмети имаат соодветна разрешница. Освен истражните органи и судот, во оваа насока мислам дека и јавноста треба да биде малку по будна и да пријавува такви дела. Секако дека во општество каде свеста по ова прашање е на толку ниско ниво, единствен механизам е санкционирањето на извршителите на такви дела.
Што треба да се промени во свеста за да нема поделба по нациналност? И на кој начин можеме да се обединиме за нашата држава и општество да оди напред?
-Во свеста не треба многу да се промени, само треба да се разбуди свеста. Кога ќе станеме свесни, ќе сфатиме дека ниеден етникум не е над другиот. Сите наши лични карактеристики, порази и достигнувања се тоа што нè дефинира. Често гледам како се „натпреваруваме” во тоа кој етникум е над другиот. Тоа кажува многу за индивидуата. Дали ние сме збир на индивидуи кои немаат никакви лични квалитети па треба да се претопиме во етничката толпа која според нас е супериорна кон другата и со тоа да си придадеме некое значење?
Тоа што ќе не обедини секако ќе е идејата каква држава сакаме да им оставиме на нашите потомци. Кога не би биле заслепени од омраза кон другите етникуми, би ја сакале малку повеќе нашата држава и сите заедно би работеле во насока на развој и унапредување во секоја смисла.
Вашиот коментар дека предлогот на Груби и Касами за вработување по етнички клуч беше дека оваа одлука е популистичка кој омаловажува одредена таргет група. На која точно мислите и дали преку јавниот ваш искажан став може да допрете до нив?
– Пазарната економија и слободата на пазарот се косат со идејата за вработување по етнички клуч во приватните компании. Предлогот освен што беше дискриминаторски кон Македонците како најголема етничка заедница, беше и омаловажувачки за интелектуалците Албанци. Време е да сфатиме дека помина времето кога Албанците се гледаа како необразован и нестручен кадар. Денес Албанци од С. Македонија студираат и се професори на престижни светски универзитети, работат во светски компании, се врвни лекари во европски земји итн.
Позитивната афирмација како алатка е добредојдена, меѓутоа не во случаи кога позитивно се дискриминира според етникум, затоа што тоа како реакција предизвикува уште поголема меѓуетничка нетрпеливост. Наместо тоа, би требало да се донесат мерки како субвенционирање на компании кои ќе вработат лица со посебни потреби (мерка која веќе е донесена), компании кои ќе вработат социјално загрозени лица, или лица кои биле жртви на насилство, бивши затвореници итн. Така би се помогнало на одредени маргинализирани групи, без да се земе во предвид, и без да се потенцира етничката и верската припадност.
Дали сметате дека се уште има етничката определба при вработувањето на млад образовен кадар? Со кои проблеми најчесто се соочуваат младите Албанци кога аплицираат за некое работно место?
-Секако дека се уште има етничка определба при вработување. Тоа најфлагрантно се гледа во вработувањето, односно невработувањето на млад образован кадар од ромската заедница. Ова е сериозен проблем и ние како држава и општество сме паднале на испит кога се во прашање нашите сограѓани роми. Младите Албанци се соочуваат со истите предизвици со кои се соочуваат Македонците и сите други. Се уште не е надмината партиската припадност на кандидатите кои аплицираат за работно место, се уште има непотизам, се уште се купуваат дипломи и работни места… како што гледате, фактите укажуваат дека ние немаме меѓуетнички туку системски проблем, кој може да се реши само со меѓусебна соработка.
Последен на „тапет“ кај вас беше Апасиев со неговиот коментар дека Албанец не смее да преговара за идентитетот на Македонците. Дали сметате дека меѓуетничката омраза не е толку изразена и поттикната од народот, туку политичките партиите се оние кои веќе ја имаат посеано?
-Апасиев е еден од малкуте политичари кои не поседуваат демократска култура и политичка зрелост на политичката сцена. Тој освен што спинуваше дека Албанец преговара за македонскиот идентитет, се дрзна да им апелира на Албанците, кон кои постојано сее омраза, да го „тргнат” министерот за надворешни работи, г. Бујар Османи од преговарачката маса.
Во парламентарна демократија, народните избраници во Собранието на Република Северна Македонија гласаат за составот на Владата. Бујар Османи е министер за надворешни работи и како таков има право и обврска да си ја врши функцијата. Доколку г. Апасиев смета дека Османи не е на висина на задачата, може да најде уште тројца пратеници кои се согласуваат со него, за да има најмалку 5, и да постави интерпелација.
Не гледам причина да им се обраќа на граѓаните Албанци, освен со својата театралност да провоцира реакција од ДУИ и другите партии, што за среќа не му поминува.
Време е да сфатиме дека живееме во мултиетничка држава каде денес е Албанец, утре Македонец, а задутре Бошњак, Ром, Србин, Влав или Турчин министер или премиер. Етничката припадност во ниту еден случај не детерминира дали одреден политичар е способен да ја врши функцијата или дали си ја сака татковината или не.
Свежи ни се сеќавањата дека „најголемите патриоти“ го опљачкаа народот и државата, но никогаш нема сите патриоти да ги поистоветуваме со одредени индивидуи кои се огрешиле.
Сепак, не верувам дека било кој политичар би преживеал на политичката сцена доколку нема поддршка од електоратот. Тоа значи дека дел од нашите сограѓани се сложуваат со десничарските ставови на Левица, но не можеме да ја обвиниме Левица или Апасиев за меѓуетничката нетрпеливост, која постоеше и пред тие да се појават на политичката сцена. Тие не ја измислија, само профитираа од постоечката, нижејќи доволен број гласови на македонските граѓани за да добијат 2 пратенички мандати.
Основач сте на фондација „Златна Рипка”. Кажете ни нешто повеќе за неа. Колку граѓаните и компаниите се подготвени да исполнуваат желби на тешко болни деца?
-„Златна Рипка“ е основана во 2014 година и за цел има исполнување на желби на тешко болни деца и деца со посебни потреби. Поради малиот буџет со кој располагаме, претежно исполнуваме желби на деца заболени со малигни болести. Се трудиме да не се наметнуваме и затоа од првиот ден кога ја превземав раководната функција во фондацијата ги укинавме видео рекламите, затоа што таргет групата на која исполнуваме желби се деца кои боледуваат од карцином, и сметавме дека истите не е коректно дури ни со дозвола од родител да бидат објавени. Заради нашата одлука да не се рекламираме, јавната свест за Фондацијата е на незадоволително ниво и поради тоа последниве неколку години Фондацијата се финансира од мои и лични пријатели на мојот сопруг, а често и од самите нас.
Б.М.