Граѓаните на Струга денеска со мирен протест пред просториите на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ го изразија своето незадоволство од проблемот со водоснабдувањето на градот.
Иако во време на пандемија мака мачат како да обезбедат вода, поради честите прекини, немањето притисок, како и рестрикциите и заматувањето по обилни дождови, стружани велат дека овие проблеми се стари десетина години.
Причина според нив е старата и дотраена водоводна мрежа, а сушата не е причина како што наведуваат од ЈП „Водовод и канализација“.
Оттаму пред неколку дена упатија апел до граѓаните на Струга да не се злоупотребува користењето на водата за пиење за технички и други цели за побрзо решавање на проблемот со недостиг на вода во градскиот водовод.
Од претпријатието посочуваат дека причина за немањето вода е сушата и лошата хидролошка состојба и поради тоа најавија рестрикции од 22 до 5 часот.