Пописот на населението на дневен ред на 25. собраниска седница

169 прегледи

На 25. седница на Собранието, денес на дневен ред е Предлог- законот за попис на населението, домаќинствата и становие во С.Македонија.

Податоците за овој попис се очекува да бидат подготвени за шест месеци, а Државниот завод за статистика ќе започне да го реализира пописот на 1. април 2021. година според планираното.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, изминатата недела посочи дека пописот ќе биде со комбиниран метод, односно за разлика од претходните години, ќе има електронски прашалници на лаптопи и ќе има комуникација со бази од каде автоматски ќе се преземаат податоците и ќе се надополнуваат од терен.

Инаку за потсетување, првото читање мина на Комисијата за европски прашања, со 10 за, ниту еден против и ниту еден воздржан глас.

За лицата – државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство податоците од член 10 од овој закон ги дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот. За лицата-државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство ќе се овозможи и самопопишување во периодот од 1 март до 21 април 2020 година на посебна апликација која е достапна на веб страницата на Државниот завод за статистика.

Според актуелниот министер за правда, Бојан Маричиќ, целта на овој попис е повеќе да не биде истиот политичко прашање, туку како што вели конечно да имаме модел кој ќе се користи во сите следни години.

„Нашиот концепт е Државниот завод за статистика, како стручно тело, да го спроведе пописот со најсовремените технички и технолошки можности, што ќе чини осум милиони, двојно помалку од предложениот во 2011 година и да има можности сите оние кои живеат во државата или се државјани, а не живеат во државата да бидат попишани“, истакна министерот Маричиќ.

Инаку, во земјава првиот попис е одржан во 1948 година. Спроведени се осум пописи, а последниот во 2002 година. Во 2011 година почна да се релизира ваква статистичка операција, но, таа беше прекината.