По повеќе од три децении владеење на Мило Ѓукановиќ, Црна Гора доживеа ренесанса, пишува „Фајненшл тајмс“ во текстот посветен на изборите и предизвиците на новата црногорска влада предводена од Здравко Кривокапиќ.
„Очигледно е дека Црна Гора доживеа преродба, трансформација што граѓаните ќе ја заштитат“, изјавил црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ за ФТ.
По триесет години Демократска партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ, Црногорците добија нова влада, хетерогена коалиција во која беа вклучени и српските националисти и зелените. Според весникот, Кривокапиќ ја споредил нивната победа со падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година.
„Да, имаме 41 место наспроти 40, но тоа е симбол дека успеавме и во такви нефер услови“, рекол Кривокапиќ и потсетил дека излезноста на изборите е рекордни 75 проценти.
Неговиот главен приоритет е членството во ЕУ.
„Ако навистина се потрудиме, веруваме дека ЕУ ќе биде повеќе склона да нè апсорбира“, вели Јаков Милатовиќ, министер за економски развој, додавајќи дека влезот на Црна Гора во ЕУ ќе биде сигнал за другите земји во регионот дека приказната за проширувањето е сè уште жива.
Црна Гора се соочува со вистински економски предизвици, според ФТ. Пандемијата ја осакати туристичката индустрија, која е камен-темелник на црногорската економија. И пред пандемијата, црногорската економија се мачеше поради огромниот заем за автопат што го градеа Кинезите, поради што долгот на црногорската држава изнесуваше 80 проценти од вкупниот буџет, а оваа година може да порасне и до 93 проценти.
И покрај тоа, Кривокапиќ е сигурен дека неговата „експертска влада“ ќе успее да се справи со предизвиците.
„Секој вели дека правиме нешто експериментално“, рече тој. „Ова е шанса да се покаже дека овој период на демократска транзиција може да се претстави само на овој начин“, додал Кривокапиќ.