Министерството за транспорт и врски ја продолжува праксата во носење на реформските закони на транспарентен начин преку вклучување на сите заентересирани страни. Во една таква постапка денеска започнуваме со отворена дебата во однос на предлог за нов Закон за градење, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, на денешната стручна дискусија на која се презентираше новиот предлог текст на Законот за градење.
Со новиот предлог Закон, се поедноставуваат процедурите за издавање на одобреннија за градење, понатаму се уредуваат правата и обврските на инспекцискиот надзор преку создавање Канцеларии на регионални инспектори, се врши категоризација на градбите, се рационализира казненета политика и други одредби кои ја регулираат дејноста во функција на просторен и економски развој на државата.
“Со оглед на тоа дека постојниот закон е менуван преку 30 тина пати и преставува кочница за урбаниот развој на општините, се определивме да креираме комплетно нов Закон за градење кој ќе има за цел да ги забрза процедурите и ќе го стимулира просторниот и економски развој во државата. Затоа сме тука, сите заеднички да допринесеме да изработиме едно ново ефикасно решение кое ќе биде во полза за сите нас. Само со квалитетен закон ќе ги стимулираме инвестициите во градењето, притоа ќе ги разрешиме сите наталожени проблеми што се среќаваат со постојните закони”, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Во јавната дебата учествуваа претставници од Јавни претпријатија, ИЗИИС, ЗЕЛС, Стопанските комори, универзитетски професори, Комората на овластени архитекти и инжењери и Асоцијацијата на архитекти.
Во следниот период следуваат серија на јавни дебати во кои ќе бидат вклучени сите заинтересирани субјекти во креирање на новото законско решение.