Здравствен работник во американската држава Алјаска доби сериозна алергиска реакција откако ја прими вакцината „Фајзер“ против коронавирусот, објави Ројтерс, цитирајчи текст од Њујорк Тајмс.
Здравствен работник имал алергиска реакција во вторникот, по што бил хоспитализиран и се наоѓа во стабилна состојба, соопшти „NYT“.
Не е познато дали работникот претходно имал проблеми со алергија.
„Фајзер“ не го коментираше веднаш случајот, а американската Администрација за храна и лекови ги советуваше луѓето кои имале алергиски проблеми да се консултираат со лекар пред да ја примат вакцината и да проверат дали можат да бидат алергични на некоја компонента што ја содржи вакцината.
На првиот ден од вакцинацијата, во Велика Британија се случија две алергиски реакции, по што Министерството за здравство на Обединетото Кралство ги советуваше луѓето кои имаа проблем со алергии, засега да не ја примаат вакцината на „Фајзер“, потсетува Ројтерс.