Американската влада во средата потврди дека хакерите во неодамнешниот напад исто така биле насочени кон нејзините мрежи и дека нападот, кој е значаен, сè уште трае, пренесува „Ројтерс“.
Ова е ситуација која сè уште се развива и додека сè уште се обидуваме да го разбереме целиот опсег на оваа кампања, знаеме дека ги погоди мрежите во рамките на федералната влада, се вели во заедничката изјава на Федералното биро за истраги (ФБИ), Агенцијата за сајбер безбедност и инфраструктура (ЦИСА) и Кабинетот на директорот на Националната разузнавачка служба (ОДНИ).
Технолошката компанија „Соларвиндс Корпорејшн“, која беше клучна почетна точка за хакерски напади, вели дека околу 18.000 нејзини клиенти преземале компромитирана верзија на ажурираниот софтвер што им овозможил на хакерите да шпионираат бизниси и агенции незабележани девет месеци.
Американските разузнавачки и безбедносни агенции во последните неколку дена сфатија дека некои федерални мрежи се мета на хакери, а истрагата за овој случај во моментов е во тек.
Советникот за национална безбедност Роберт О’Брајан во вторникот го скрати своето патување во Европа поради хакерскиот напад и се врати во Вашингтон.
Претходно оваа недела, Ројтерс објави дека анонимни извори навеле дека хакерите наводно работеле за Русија и дека ги следат внатрешните електронски пораки во рамките на Министерството за финансии и Министерството за трговија.