БиХ се соочува со нов дипломатски скандал по посетата на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Амбасадата на Украина во Босна и Херцеговина испратилa протесна нота до Министерството за надворешни работи на БиХ во која бара детални информации за потеклото на иконата од Луганск, што претседателот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик му ја подарил на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Амбасадата на Украина смета дека тоа дава поддршка на агресивната политика на Руската Федерација.
„Амбасадата на Украина во БиХ смета дека необезбедувањето на јавно, непосредно, недвосмислено побивање од страна на највисокото раководство на БиХ информации поврзани со наведениот подарок, поседување или пренесување на кој било начин на културни, историски или верски вредни предмети што потекнуваат од територијата на Украина сместено под окупација на Руската Федерација, ќе значи поддршка за агресивната политика и воените дејствија на Руската Федерација против Украина, што веќе резултираше со смрт на многу илјадници украински граѓани“, стои во нотата испратена од украинската амбасада.
Министерството за надворешни работи на БиХ го потврди приемот на нотата, која тие ја испратиле до Претседателството.
„Добивме дипломатска нота од Амбасадата на Украина со барање за изјава за тоа како 300-годишната икона ја поседувале претставници на БиХ, односно претседателот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик. Јас ја испратив споменатата дипломатска нота до Претседателството на БиХ и тие треба да ги утврдат фактите. Гледам дека има размислувања да се вклучат СИПА и Обвинителството на БиХ за да се стави крај на овој случај “, изјавила Бисера Турковиќ, министерка за надворешни работи.
„За тоа мора да се спроведе истрага бидејќи станува збор за скандал со меѓународни размери поради кој некој мора да оди во затвор“, изјави хрватскиот член на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ од Мостар, каде беше во придружба на лидерот на Либерално-демократската партија на Србија Чедомир Јовановиќ.
Јовановиќ, пак, го нарече Додик „пудлица на Путин“, наведувајќи дека таквото однесување е срам за српскиот народ.