ИНТЕРВЈУ со Царовска: Новиот концепт во образованието ќе им стави крај на учебниците полни со грешки

од Vladimir Zorba

Истрајноста на министерката Мила Царовска во одбрана на новиот концепт во образованието е речиси еквивалентен со жестината на нападите од јавноста. Не препознава оправданост во стравувањата поврзани со предметот историја бидејќи како што вели „не смееме на учениците да им ускратиме ниту една научна дисциплина, вклучувајќи ја и историјата”.

Времето но и условите во кои се предлага реформата единствено ги поврзува со образованието.” Секој ден на одложување на оваа реформа, поради лош тајминг, оди на директна штета на нашите деца, односно е директна штета на иднината на државата“, вели Царовска за „локално“.

Сигурна во успехот поради сериозноста на подготовките уверува дека “ниту една промена нема да ја направиме ако не сме сигурни дека функционира и можеме да ја имплементираме”.

Реформата ја дефинира како крајно неопходна бидејќи имаме несоодветни учебници со грешки и програма позната како Кембриџ, но која нема никаква врска со Кембриџ програмата.

Крајна цел според министерката треба да бидат децата кои ќе можат аналитички да размислуваат и наставниците кои сами ќе го осмислуваат часот.

Концептот целосно ќе биде презентиран во јавноста следната недела.

Предложените реформи предизвикаа бура во јавноста. Дел од обвинувањата се дека со укинувањето на историјата како самостоен предмет им се удоволува на бугарските барања. Лош тајминг за нова реформа или?

-Со оваа реформа се залагаме да создадеме современо образование со кое учениците ќе добиваат знаења и да ги научиме да размислуваат, и токму поради тоа не смееме да дозволиме на учениците да им ускратиме ниту една научна дисциплина, вклучувајќи ја и историјата. Што се однесува на тајмигот, би рекла дека нема лошо време за сеопфатна рефома. Би напоменала дека со години наназад се направени мноштво анализи од релевантни меѓунарни организации и институции кои укажуваат на тоа дека образованието ни е на дното и дека темелно мора да се реформира. Секој ден на одложување на оваа реформа, поради лош тајминг, оди на директна штета на нашите деца, односно е директна штета на иднината на државата.Државата истовремено работи на решавање на прашањата поврзани со надворешната политика, но и на реформи со кои се подобрува квалитетот на животот во државата вклучително и образованието.

Во интерес на поразбирливо претставување на концептот до јавноста, дали можете да појасните преку пример, како би се објаснила одредена појава или настан во предметот Општествени науки кој ќе ги обедини предметите историја, географија и граѓанско општество?

– Реформите кои се подготвуваат во основно образование не значат укинување на ниту една научна дисциплина туку се подобрува концептот на кој учениците ќе ги изучуваат сите предмети. Наставните планови кои се подготвуваат преку реформата успешно функционираат во речиси сите земји во Европа, Америка, Австралија, односно во наставниот план на ИБ програмата. Оттаму, станува збор за нов современ концепт кој ќе ги подготви учениците аналитички да размислуваат и се развиваат а не само фактографски да памтат. Практично од еден пристап на само меморизирање на содржините, одиме кон пристап на нивно анализирање, креирање и критикување. Што се однесува до конкретни примери, тие ќе се презентираат во фаза на креирање на наставните планови кои ќе ги работиме во текот на следната година а во нив ќе бидат вклучени професорите и академската заедница.

Но, за на граѓаните да им биде појасно, на пример да земеме изучување на цивилизации. Со новиот концепт, оваа тема на учениците ќе им биде ставена во поширок контекст односно ќе изучуваат кога постоеле и како се развивале историски, каде се наоѓале кои територии ги опфаќале географски и какво уредување имале, какви биле општествата и сл. како дел од граѓанското општество. Со овој пристап материјалот е практично прилагоден за полесно да го разберат целиот контекст на една тема, во случајот цивилизациите. Ваквиот начин на учење им овозможува на учениците да ги поврзуваат знаењата од сите предмети во рамки на одредена тема што е многу поефикасно отколку учењето и суво меморизирање на факти по сите предмети поединечно.

Предвидено е учениците да имаат помалку предмети, но да поминуваат повеќе време во училиште каде наставата би се фокусирала на зачестена интеракција со наставниците. Колку се реални овие очекувања и кои предуслови претходно мора да се исполнат?

– Роковите се реални и за тоа имаме време да се подготвиме до почетокот на следната учебна година, период во кој темелно ќе ја дизајнираме новата наставна програма. Во овој процес се вклучени сите засегнати страни, многу експерти од образованието а целиот процес ќе биде проследен со тестирање на концептите, истражувања и пилотирање на самите наставни програми. Јас сум свесна за сериозноста на оваа нужна промена и затоа кон истата пристапуваме многу темелно користејќи ги најдобрите практики од европското и светското образование.

Самата реформа предвидува намалување на бројот на предметите што не значи намалување на знаењето кај учениците, напротив. Оваа програма предвидува различен пристап во изучувањето кој е соодветен за возраста на учениците а со тоа што ќе имаат повеќе време ќе можат да избираат и други изборни предмети за да можат пофокусирано да се насочуваат и истражуваат. Тоа значи дека промените кои ги правиме ќе придонесат секој ученик да се пронајде себе и своите квалитети и предиспозиции и истите максимално да ги развие. Дополнително, наставниците ќе имаат повеќе време и слобода да работат со учениците на различни теми.

Дали можеби треба да се направи одреден пилот проект претходно со оглед на димензиите на промените?

– Целиот развој на реформата и нејзината имплементација е проследена со истражувања, анализи и тестирање на концептите.Потребата од промените и насоките кои ги дефиниравме произлегоа од истражувања со родителите и наставниците и ќе одговорат токму на нивните барања како и во која насока да се подобрува основното образование. Одговорно тврдам дека ниедна промена нема да ја направиме ако претходно не сме сигурни дека таа функционира и можеме да ја имплементираме.

Сите наставни материјали ќе бидат изработени во рамки на широки работни групи на луѓе кои одлично ги познаваат областите, тестирани и прилагодувани.Ние во моментов имаме крајно несоодветни учебници со низа грешки и програма која во јавноста е позната како Кембриџ, но која што нема никаква врска со Кембриџ програмата. Имаме многу лоши резултати и во тестирањата и добро знаеме во каква состојба е образованието во целина. Реформата е повеќе од потребна и ја подготвуваме многу сериозно со цел да обезбедиме модерно образование за идните генерации.

Според СОНК проблематично е прашањето со колкав процент во наставната програма би влегле четири предмети, доколку се интегрираат во еден и како би се извлекла генералната оценка? По првичната најава на концептот се отвори и дилемата дали ќе се намали бројот на ангажирани наставници?

– Модел на оценување ќе биде презентиран на јавната презентација и тука исто така има јасна насока за тоа како ќе се формираат оцените и како ќе се вршат тестирањата. Овие модели се веќе проверени во многу земји и успешно функционираат, оттаму нема потреба од грижа за тоа дали ќе може соодветно да се оценува или тестира. Што се однесува до наставниците, никој, ама буквално никој нема да остане без работа, напротив за нив се отвораат нови можности за напредок во кариерата, личен развој и повисоки приходи. Прво, наставникот ќе добие поголема автономија во осмислување и реализација на часовите, нешто што самите го бараат.

Второ, наставниците бараат многу поголема поддршка од системот и со реформата ќе им ја обезбедиме, а тоа е пред се современи наставни средства и методи како и платформи и ресурси за размена на искуства.

Трето, со реформата обезбедуваме подобар кариерен и професионален развој по јасно поставен мерит систем, поголеми приходи и можност за напредок. Ова е една од моите клучни заложби кои ќе ја подигнат мотивацијата на наставниците и квалитетот на наставата. Оттаму колку што реформата ќе биде придобивка за учениците, толку истата е придобивка и за наставниците и образовните работници.

Една од дилемите е и како би се рефлектирал новиот концепт врз високото образование, односно дали тоа на пример би значело укинување на студиската група историја и воспоставување нова, во случајов за општествени науки и дали истото ќе се случи и на факултетите за географија, биологија,хемија, музика, ликовно…?

– Сите научни дисциплини останувааат и не се укинуваат со новата концепција, само ќе бидат организирани на поинаков начин на учење. Токму затоа ни е потребен високо образовен наставен кадар за сите дисциплини. За таа цел Министертвото за образование ги зајакнува инвестициите во високото образование за да обезбедиме квалитетен наставен кадар којшто ќе биде вклучен во наставата.

К.В.С.

Слични содржини