Новата мутација е малку поинаква од она кое досега го слушавме. Таа му овозможува полесно проширување од човек на човек и тоа малку го менува оној репродуктивен број кој последните месеци контиунирано паѓаше, истакна во интервју во Дневникот на Сител д-р Александар Петличковски, директор на Институтот за имунологија.
Објаснувјќи го процесот на зараза тој вели дека неколку од мутациите кај овој вирус се случуваат токму во „spike“ варијантата и овозможуваат зголемен афинитет.
-Сега силата со која вирусот може да се врзе за ACE 2 рецепторите е поголема. Ако претходно таа врска беше малку полабилна и беше можно да се врзе, па да се откачи, сега поконстантна останува таа врска и просто афинитетот на вирусот е поголем. Што значи дека средба со оваа варијанта носи повеќе шанси за заразување на индивидуата која е во прашање, објаснува Петличковски.
Појаснува дека според клиничките слики на пациентите не може да се утврди дали некој човек е заразен од новата варијанта или од таа која досега беше доминантна.
-Оваа варијанта не потекнува од вчера, таа е детектирана месеци наназад – септември, октомври. Но додека во септември – октомври 20-тина проценти од населението беше заразено со оваа варијанта, сега дури 70 отсто од регионот на Лондон од новите пациенти се заразени токму од оваа варијанта. Клинички разлики засега нема, и тоа е дефинитивно. Разликата е во суптилни детали во анализирање на геномот на вирусот што ние не го правиме рутински. Мислам и оти нема потреба да го правиме, рече Петличковски.