Скоро половина од жителите на Косово се подготвени да ја напуштат земјата и тоа поради економска, политичка и социјална безнадежност. Ова е највисок процент на подготвеност за заминување откако е направено истражувањето.
„Точно 48,4 проценти од населението е подготвено да го напушти Косово“, е резултатот од истражувањето на Групацијата за правни и политички студии во Приштина, во кое беа анкетирани 1.065 граѓани.
„Наодите од истражувањето покажуваат загрижувачки резултат во однос на подготвеноста за миграција, бидејќи податоците претставуваат најголем процент од сите спроведени истражувачки бранови, дури и поголем отколку за време на големиот миграциски бран во 2015 година. Поточно, 48,4 проценти од испитаниците се подготвени да мигрираат“, велат од групата за правни и политички студии.
Тие додаваат дека подготвеноста за миграција е зголемена за 23 и 30 проценти во 2020 година, во споредба со 2015 и 2019 година.
Статистичките податоци на Евростат покажуваат дека бројот на баратели на азил меѓу населението на Косово значително се намалил во 2019 година, во споредба со пред четири години, од 73.000 барања на 2.300.
Резултатите од истражувањето покажаа дека повеќе од 60 проценти од граѓаните кои сакаат да заминат би размислувале за трајна миграција.
Покажуваат и дека недостатокот на надеж во економска, политичка и социјална смисла се главните причини за желбата да се напушти.
Повеќето испитаници кои се подготвени да мигрираат ја обвинуваат владата и партиите, покажувајќи неуспех на институциите во исполнување на очекувањата на граѓаните.
„За разлика од претходните истражувања, трите главни причини што би ги убедиле поединците да не мигрираат се подобри можности за вработување и пристојни плати, политичка стабилност и подобрена економска состојба. Податоците сугерираат дека подготвеноста за миграција е поголема кај семејствата кои пријавуваат дека добиле дознаки. Според податоците, дијаспората испратила околу 800 милиони евра до октомври годинава “, се наведува во образложението, пренесе РТС.
Податоците покажуваат дека помладите возрасти се поподготвени да заминат, а најголема подготвеност за миграција има во Приштина со 56 проценти.
Поединци со пониски примања, помеѓу 150 и 300 евра, се категорија со најголема подготвеност да заминат.