Австриската служба за заштита на уставот и борба против тероризмот направи страшни грешки во врска со терористот Кујтин Фејзулаи, кој на 2 ноември уби четири лица и рани повеќе од 20 лица во центарот на Виена, според првиот извештај на истражната комисија.
Фејзулаи, кој беше осуден на 22 месеци затвор за терористичко здружување затоа што сакаше да се приклучи на Исламската држава, беше ослободен на почетокот на декември 2019 година, на условна казна.
Неколку дена по излегувањето од затвор, на 17 декември, пред комисијата за проценка на опасноста од една личност, тој не соработувал, поради што беше побарана проценка на ризик од Виенската провинциска служба за заштита на уставот и борбата против тероризмот (ЛВТ).
ЛВТ ја направило таа проценка само на 11 септември 2020 година и требала да се менува двапати, а билазаклучена само на 7 октомври. Во својата проценка, ЛВТ го зголеми ризикот што произлегува од Фејзулаи од „умерен ризик“ на „висок ризик“.
ЛВТ ваквото одолговлекување го објаснува со недостигот од персонал и време.
Истражната комисија смета дека прифатлив рок за степенот на ризик, би бил доколку тој се утврдел најдоцна во јули.
Иако германското разузнавање кон средината на јули ги информирало своите австриски колеги за состаноците на Фејзули со германски и швајцарски исламисти во Виена, и наложено било да се изврши надзор, оперативната единица на ЛВТ не покажала свест за значењето на тие состаноци, се вели во извештајот.
Според истражната комисија, исламистите кои се собрале претставувале терористичка ќелија подготвена за напади.
Само на еден член на ЛВТ веднаш му било јасно дека во Виена се одржал состанок на опасна терористичка ќелија, но федералната Служба за заштита на уставноста и борба против тероризмот (БВТ) го обврзала да не шири такви информации, подвлекува Комисијата, што БВТ го негира.
Истражната комисија смета дека надлежните служби постапиле лошо дури и кога од словачките власти добиле јасна информација дека Фејзулаи се обидел да купи муниција за автоматско оружје, на 21 јули 2020 година во Братислава.
На 27 јули, БВТ добила фотографии од надзорна камера на една словачка продавница за оружје, но материјалот дури на 24 август бил доставен до ЛВТ Виена, со барање за идентификација на лицето.
Еден ден подоцна, ЛВТ јас известила БВТ дека на сликта е Фејзулаи, кој им е познат на властите.
Според извештајот на истражната комисија, еден член на ЛВТ сфатил дека станува збор за загрижувачка информација, но неговиот предлог да се преземат мерки според Законот за заштита на државата, бил отфрлен од страна на надредените.
Дури на 16 октомври БВТ јасно го идентификувала Фејзулаи како лицето кое се обидело да купи муниција во Братислава.
Истражната комисија го критикува и фактот што државното обвинителство не било информирано за тој случај, затоа што во таква ситуација би можело да биде укинато неговото предвремено ослободување.