ИРАН доби одобрение од САД за трансфер на средства во странство за набавка на вакцини против коронавирусот, изјави гувернерот на Централната банка на Иран, Абдолнасер Хемати.
Хемати за државната телевизија изјави дека Банката на Иран добила одобрение од Канцеларијата за контрола на странски средства во Министерството за финансии на САД за префрлање пари на швајцарска банка за плаќање на вакцини против Ковид-19, пренесува Ројтерс.
Американците воведоа санкции кон сите наши банки и во овој случај тие се согласија да направат исклучок под притисок на светската јавност, рече Хемати.
Тој изјави дека Иран ќе плати над 200,5 милиони евра за увоз на 16,8 милиони дози од програмата на СЗО „Ковакс“, чија цел е да обезбеди фер пристап до вакцините за посиромашните земји.
Официјални лица во Иран постојано посочуваат дека американските санкции ги спречуваат да купуваат вакцини против коронавирусот.
Иранската компанија „Шифа фармд“ оваа недела започна со регистрација на волонтери за клинички испитувања на првиот домашен кандидат за вакцина против коронавирусот.
Иранското Министерство за здравство претходно објави дека уште 152 пациенти со Ковид починале од последниот пресек, најмалку за еден ден од 18 септември.
Падот на смртноста се случи по воведувањето полициски час и други ограничувачки мерки во големите ирански градови во последниов месец.