„Ги повикувам секојдневно пратениците од опозицијата, дури и во неформалните разговори со нив, да размислат за своите постапки и однесувањето во парламентот. Моите сопартијци се држат до деловникот за работа за разлика од опозициските пратеници. Ние секојдневно сме уценети со присуството за кворум на ВМРО ДПМНЕ, кога имаме важен закон на дневен ред или кога беше буџетот на гласање. Целта на ВМРО ДПМНЕ беше државата да се доведе во ситуација на привремена исплата, без да имаме социјални трансфери, без плати, без пензии. Тие мислеа немаме кворум, дека коалицијата ни е разнишана, дека немаме доволно пратеници за гласање. Но, сепак мнозинството е стабилно и кога станува збор потребите и интересот на граѓаните ние сме тука единствени.“- категоричен беше пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов во настапот на „Утрински брифинг“, кога правеше споредба за однесувањето на пратениците од мнозинството и оние на опозицијата.
Во контекст на ова, Костадинов, со примери од праксата ја докажуваше тезата дека ВМРО ДПМНЕ постојано пласира лажни вести во јавноста.
„На пример огласот за Народен правобранител не е сокриен како што тврдат, тој беше согласно законските норми, и има пријавени кандидати, следува евалуација, ќе има комисиска расправа и ќе се достави предлог до патениците. Верувам дека ќе имаме успешна расправа и по огласот за избор на членови на Комисијата за спречување на дискриминација. Јас како претедател на Комисијата за избори и именувања верувам дека ќе бидат испочитувани сите процедури, ќе се вклучат граѓанските организации кои се занимваат со човекови права, тоа нам ни е задолжение според европските правила кои сакаме да ги имплементираме и да ги почитуваме. И во една ваква ситуација на отвореност кон јавноста, ги имаме пратениците на ВМРО ДПМНЕ кои постојано ја искривуваат вистината.“- изјави Костадинов.