Решавањето на проблемот со отпадот може да го намали и загадувањето на воздухот

од Vladimir Zorba
454 прегледи

Неправилното управување со отпад придонесува за влошување на квалитетот на воздухот. Потеклото на загадувањето на воздухот во нашата земја главно е од греење на домаќинствата, издувни гасови од стари автомобили, градежни работи и индустријата. Но, значителен дел од ова загадување доаѓа и од отпадот од неконтролирани депонии. Горејќи, отпадот во воздухот ослободува повеќе штетни органски елементи меѓу кои диоксини и фурани кои се канцерогени супстанции. Дури и кога не гори, кога е само одложен на отворените депонии, комуналниот отпад составен и измешан од секакви материјали, пластика, најлон, батерии, градежен шут и слични материјали коишто не се биоразградливи, во форма на прашина се разнесува насекаде и го загадува воздухот.

Аерозагадувањето е една од најголемите опасности што произлегуваат од неправилното управување со отпад, но ова не е единствената. Општинските депонии отворени и нестандардизирани ја загадуваат и животната околина а многу често служат и како место за барање храна од домашните животни. Дивите депонии, распослани насекаде долж локалните и регионалните патишта, натрупани во речните канали во руралните средини се опасност од повеќе причини, затворање на каналите голем проблем при обилни дождови, опасност од запалување при високите летни температури, па и ослободениот исцедок што се слева во подземните води а оттаму во земјоделските производи.

Постои национален план за подобрување на оваа состојба со изградба на регионални депонии поврзани со селекција на отпад, но за конечна имплементација на овој план е потребен период од најмалку 5-6 години и големи финансиски инвестиции. Изградбата на само една депонија е приближно 40 до 50 милиони евра. До тоа време, има итна потреба за брзо решение.

Сепак, решение постои, како метод што може да го реши проблемот со отпадот додека да бидат изградени регионалните депонии. Компанијата ПП Индустрис, специјализирана за управување со отпад, спроведува метод на балирање на отпадот, применет во голем број европски градови. Со овој метод, комуналниот отпад се компресира со што се намалува неговиот волумен за 3-4 пати, потоа се одложува врз филм фолија – специјална пластична фолија во форма на лента и се намотува во ролни односно бали. Вака спакуван отпадот не го загадува воздухот, не зафаќа голем простор, не постои можност за негово разнесување низ воздухот и секакво влијание врз средината, нема исцедок во почвата па и во подземните води, не се гори и безбедно може да стои подолг период. Методот на балирање е еколошки и финансиски исплатлив, а од ПП Индустрис велат дека е применлив насекаде, буквално во секоја урбана средина односно општина.

“Најсоодветното и брзо применливо решение за Македонија е методот на балирање. Балирањето на комуналниот отпад се користи во Западна Европа (Франција, Италија, Шпанија), што е добар показател дека можат и на ова решение треба да се посветат и општините во Македонија. За инсталирање на единица за балирање потребни се само 15 дена, а капацитетот е 35 t/h односно 140 000 тони годишно. Само со 1 единица за балирање, може да се обработи отпадот од 300 000 жители”, велат од ПП Индустрис компанија која се занимава со ваква обработка на отпадот. За инсталирање на постројка за балирање, месечните трошоци кои би ги имале граѓаните се помеѓу 15 до 20 денари од жител.

Слични содржини