Мицкоски: Новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го разгледа договорот за ГА-МА

од Nikola Popovski
324 прегледи

„Една од првите точки кои ќе ги разгледа новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде токму штетниот договор за ГА-МА, за кој владата на Макпетрол му исплати 33 милиони евра“, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„И бидејќи гледам дека раководството на Макпетрол ме споменува, ќе им испратам и ним порака, исто како и на луѓето од власта, никогаш не ми била целта да влијаам или да ја диригирам уредувачката политика на Телма Телевизија како што тврдат во своето соопштение, тоа го оставам на Заев. А ако имаат доказ за овие нивни тврдења јавно ги повикувам да ги објават, во спротивно стануваат телевизија на лажни вести и цензори на вистината“, продолжува Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ вечерва го повика претседателот на државата, Стево Пендаровски да не го потпишува законот за спорот помеѓу државата и „Макпетрол“, изгласан денеска од Собранието, со кој оваа компанија ќе добие 33 милиони евра за решавање на спорот околу гасоводот.

„Пендаровски барем еднаш да не биде слуга на Зоран Заев и да не го штити криминалот на оваа не народна власт. Тутунарите, невработените, семејствата кои настрадаа од корона кризата треба да знаат дека за нив нема грижа од државата затоа што Заев реши да даде пари на ‘Макпетрол’ наместо да решава проблеми“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на прес-конференцијата вечерва во партиското седиште.

Претходно, од Макпетрол соопштија дека државата купила функционален гасовод по реална цена и истовремено го обвинија Мицкоски се обидувал да влијае врз уредувачката политика на Телма.

Слични содржини