Бајден ги повика САД да одговорат на предизвиците од Русија и Кина

од Vladimir Zorba
196 прегледи

САД мора да се прилагодат на современите одбранбени приоритети и да ги зголемат иновациите во услови на растечки стратешки закани од Русија и Кина, рече новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден на првиот брифинг за национална безбедност како избран претседател.

„Разговаравме за различните стратешки тешкотии со кои ќе се соочиме од Русија и Кина и реформите што треба да ги спроведеме за да бидеме во најсилна можна позиција како одговор на овие предизвици“, рече Бајден по брифингот со експертите за национална безбедност.

Според него, тоа „вклучува ажурирање на приоритетите во областа на одбраната со цел подобро да се спротивставиме на агресијата во иднина“.

„Наместо да вложуваме премногу во модернизација на наследените системи, ние мора да донесеме новини и да ги преиспитаме растечките закани во нови области, како што е сајбер-просторот“, истакна новоизбраниот претседател.

Претходно, новоизбраниот претседател на САД зборуваше за плановите за „мултилатерален пристап“ кон Русија, Иран, Кина и другите земји. Минатата недела тој повика да бидат идентификувани одговорните за сајбер напади врз различни институции, зад кои, според извештаите на некои медиуми и изјавата на државниот секретар Мајк Помпео, може да стои Русија, иако Москва го негира тоа.

Претседателските избори се одржаа во САД на 3 ноември, а според официјалните податоци на нив победи поранешниот потпретседател Џо Бајден. Неговата победа треба да биде официјално потврдена од Конгресот на 6 јануари. Актуелниот претседател Трамп не го признава поразот.