Без законски измени нема пари, ќе останат ли граѓаните без ветените 6.000 денари?

од Берта Китинска
267 прегледи

Роковите за исплата на државната финансиска помош истече претходниот петок.

Околу 28 илјади граѓани поради блокирани сметки, неажурирани податоци или неотворање нови сметки, не успеаја да си ги земат ветените шест илјади денари.

Од банките бараат законски измени во постоечкиот Закон за финансиска поддршка за да може да се продолжи рокот, додека од Владата бараат банките да бидат толерерантни.

– Со цел успешно реализирање на еднократна финансиска помош од 6.000 денари, како дел од четвртиот пакет на антикризни мерки, банките максимално ги ставија на располагање своите ресурси и во согласност со Законот за финансиска поддршка (Сл.Весник 290/20 од 07.12.2020) во краткиот законски рок, до крајот на работното време на 25.12.2020 година вршеа распределување на добиените средства на трансакциските сметки на граѓаните. Во овој краток период успешно беа исплатени над 90 отсто од корисниците на финансиската помош, информираат од Македонската банкарска асоцијација (МБА).

Од Владата апелираа до банките да има поголема толеранција и исплатата да биде завршена до Нова година.

-Помошта од 6.000 денари ќе ја добијат сите. Тоа што доцнеше донесувањето на Законот во Собранието ги предизвика непријатностите. Владата стори се помошта да стигне до оние за кое е наменета, а целта е никој да не биде изоставен, рече вчера на прес-конференција портпаролот на Владата Душко Арсовски.

Еднократната помош се однесува на граѓаните со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица на возраст од 16 до 29 години, самохран родител, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници, со пресек на 27-ми септември, односно денот кога беше објавен четвртиот пакет на економски мерки.

Слични содржини