Одмазда на отпуштен работник: Со багер уништил 50 возила (фото)

од Nikola Popovski
340 прегледи

Поранешен работник од фабриката Мерцедес во Виторија, на северот на Шпанија, уништил повеќе од 50 возила со багер и ѝ нанел мултимилионска штета на компанијата.

Тој го украл багерот од градилиштето и го возел до неговата поранешна компанија, оддалечена околу 20 километри.

Откако ја пробил оградата, тој се упати кон новите, штотуку изработени комбиња Мерцедес, кои биле паркирани околу фабриката.

Резултатот е повеќе од 50 сериозно оштетени примероци на моделите „Вито“ и „В-Класа“, кои се произведуваат во оваа шпанска фабрика, а штетата, која во моментов се проценува е повеќе од 2 милиони евра.

Поранешниот работник бил уапсен и обвинет за повеќе кривични дела.

Според локалните медиуми, среќна околност е што инцидентот се случил во време кога погоните не работеле, а околу фабриката биле само членови на службите за безбедност и одржување, така што немало повредени или жртви.

Штетата можела да биде и поголема, имајќи предвид дека, според сведок, работникот со багер се обидел да влезе во производствената сала за да ја оштети скапата опрема, но не успеал во тоа.

38-годишникот не бил отпуштен неодамна, поради најновата економска криза, туку во 2017 година, па се претпоставува дека подолго време подготвувал одмазда за својот поранешен работодавач.

Точните мотиви на неговото дело ќе бидат познати кога тој ќе се појави пред судијата.

Слични содржини