Постара жена во Словенија починала по вакцинирањето

од Nikola Popovski
303 прегледи

Корисничка на дом за стари лица во Словенија починала откако ја примила вакцина за коронавирус од компаниите Фајзер и Бионтек, но нејзината смрт веројатно нема директна врска со вакцинацијата.

Случајот со смртта на жена која страдала од други болести е пријавен во здравствените власти, но засега нема повеќе конкретни податоци, пренесува Хина, наведуваат словенечките медиуми.

Словенечкиот институт за јавно здравје објави дека досега добил само еден извештај за несакани ефекти по вакцинирањето и еден случај на смрт што „се совпаѓа со вакцинацијата“.

Според извештајот, Институтот го известил Министерството за здравство на Словенија, кое темелно ќе го проучи случајот за да утврди дали постои „каква било врска“ помеѓу вакцинацијата и смртта.

Словенечките медиуми наведуваат дека корисничката на домот страдала од повеќе болести и дека е малку веројатно вакцинацијата да има врска со смртта.

Досега се пријавени два смртни случаи ширум светот кај луѓе кои ја примиле вакцината на Фајзер и Бионтек. Двата смртни случаи се поврзани со други болести, изјави Роман Јерала од Институтот за хемија во Љубљана.

Тој изјавил дека ниту еден од тие два случаи не е директно поврзан со самата вакцинација.

Слични содржини