Градските власти во Вашингтон денеска ги предупредија приврзаниците на американскиот претседател Доналд Трамп, кои планираат да дојдат на протестот кога утре Конгресот треба да ги потврди резултатите од изборите и поразот на Трамп во нив, да го остават оружјето дома.
Беше најавено дека ќе бидат ангажирани стотици припадници на Националната гарда за да обезбедат ред и мир на улиците на главниот град на САД, од страв од можни немири.
„Имаме информации дека поединци имале намера да донесат огнено оружје и нема да го толерираме тоа“, вели началникот на полицијата во Вашингтон, Роберт Конти, додавајќи дека секој што ќе го прекрши тоа ќе биде уапсен, пренесува Ројтерс.
Во приправност ќе има и 300 војници на готовност, припадници на други федерални служби, вклучително и тајната служба, во случај да им треба помош на полицијата во Вашингтон.
Илјадници приврзаници на Трамп, вклучително и екстремно десничарски групи, секогаш носат оружје на протестите. Тие се очекува да дојдат во Вашингтон на 6 јануари и да протестираат против официјалните резултати од изборите во Конгресот, за кои Трамп тврди дека биле украдени, според агенцијата.